Симеон, штитеникот на Есма под закрила на француска продукција

by Fokus

Симеон Атанасов, едно од 47 – те момчињата кое легендарната Есма Реџепова -Теодосиевска го одгледа, а кој потоа долги години беше нејзин менаџер, сними албум кој што ќе биде издаден од страна на француската продуцентска куќа ,,Акорд Кроази’’.

Тој веќе подолг период е фронтмен на ,,Есмас Бенд’’ чиј вокал е единственото девојче за кое се грижеше Есма, Елеонора Мустафовска.

-Го потпишавме договорот со француската продукција, која традиционално се грижеше и за песните на Есма. Ќе снимаме нови песни во препознатливиот и оригинален стил на Есма, а наскоро ќе биде издаден и албумот со десет песни. Три од нив се на македонски јазик, шест на ромски, а има и една инструментална верзија. Ќе настапуваме како „Esma’s next generation’’ и веќе се договораат нашите големи концерти низ европските земји – вели Симеон.

Тој додава дека низ целиот свет Есма била ценет и почитуван уметник. Француската продуцентска куќа ,,Акорд Кроази’’ отсекогаш го препознавала нејзиниот квалитет и се трудела да го сочува нејзиното дело. Атанасов беше посебно близок со Реџепова, и според нејзиниот тестамент, таа му ги оставила сите авторски права од нејзината и музиката на Стево Теодосиевски.

-Со Есма и Стево го поминав мојот живот. Јас сум дете на разведени родители, и Теодосиевски ме зедоа под своја закрила, ми го трасираа патот со музиката. Живеев со нив, во нивниот дом се до крајот на деведесеттите години, кога се оженив, и со моето семејство се преселив во стан. Сепак, како штитеник и менаџер на Есма, јас останав да бидам дел од нејзиниот живот. За тоа колку се почитувавме нема потреба да раскажувам, дури и моите деца ги крстив Есма и Стево – раскажа тој за ,,Фокус’’ пред неколку месеци.

Вики Клинчарова

Поврзани новости