Симеон пишува автобиографија: Зошто Есма никогаш не посвои ниту едно дете?

by Fokus

На 11-ти декември 2020 година се навршија четири години од смртта на Есма Реџепова Теодосиевска, легендарната кралица на Ромската песна.

Зад неа останаа 47 деца на кои им го трасираше патот и ги воведе во светот на музиката, одгледувајќи ги како свои, но и руинираната куќа на Кале, за која животна желба и беше да стане музеј.
Судската постапка за нејзиниот дом е во тек со години, бидејќи нејзини внуци и внуки од сестра и браќа ги оспоруваат двата тестаменти, според кои куќата ја остава на Министерството за култура, а пак авторските права на Симеон Атанасов, кој од свои осум години живееше со неа, и до крајот на нејзиниот живот и беше менаџер.

Атанасов периодов пишува автобиографија. Во разговор за ,,Фокус” вели дека насловот на неговата книга е ,,Професорот Стево и ние” и во неа ќе бидат сместени сите настани од 1984 година, кога заминал да живее со Есма и Стево, се до денес.

-Работам на книгата, во мислите се навраќам на минатото. Изминатите четири години се наполнивме со нервози, се влечкаме по судници, сакајќи да докажеме дека Есма заслужува да и бидат исполнети последните желби…
Нејзините внуци од сестра и браќа, ги има седум, не се откажуваат од намерата да приграбат се, а со тоа и нејзиниот аманет куќата да стане музеј, да не се исполни… Додека пишувам, ми се враќаат спомените за минатите времиња.

Имав само осум години кога Есма и Стево дојдоа кај мојата баба. Јас сум дете на разведени родители, ме чуваше баба ми, а кога Теодосиевски слушнале дека имам талент за музика, дојдоа кај неа. Со усен договор, ете така било во тие времиња, без да бидат вклучени институции, јас бев однесен кај нив.
Се грижеа за мене, ме подучуваа во областа на музиката, па така за кратко започнав да настапувам со нив. Она кое сега ме мачи, и за кое никогаш ниту јас, ниту пак било кое од децата кои ги одгледаа, не прашавме – Зошто легално не не посвоите?

Од почит кон нив, од благодарност што се грижат за нас, ние никогаш не им го поставивме тоа клучно прашање. Да бев посвоен, а не само чуван од нив со усен договор, како и повеќето од другите деца, денес сигурно дека немаше да минувам низ оваа агонија низ судските лавиринти – раскажува Симеон.

Вели дека и покрај тоа што Есма и Стево умееле со деца и им дале многу љубов, не знае која е причината зошто немале свои деца. Не се осмелил никогаш да праша, не сакајќи да излезе неблагодарен во нивните очи.
-Ми останаа тие неодговорени прашања, зошто барем ако нам не сакаа како свои, кога ние бевме постојано со нив, во нивниот дом и на сите настапи и концерти низ светот, зошто не не посвоија, па сите денес да бидеме мирни? И мојот син, кој сега има над 20 години, ми го постави истото прашање. Не знам што да му кажам…

Речиси 40 години од мојот живот поминав покрај Есма и Стево, поради сите лоши случувања поврзани сега со нејзините внуци, се наметнува едно лошо чувство, дека целото тоа време, кога настапувавме, придонесувавме, сето тоа паднало во вода… Нема ниту една диплома, признание, награда, се што добивме, сите тие вредни потврди исчезнаа од нејзината куќа која е уништена и ограбена. А толку многу сме се радувале на секоја награда… Каде да ги бараме сега овие вредни докази за нашата работа, дури и ако куќата еден ден навистина стане музеј и треба да бидат таму изложени? – прашува Симеон.

Вели дека следното судско рочиште им е закажано на 26-ти јануари. Апелира министерството да покаже поголема ажурност, за да се заврши целата процедура која се одолговлекува со години. Појаснува дека има сознанија како внуците на Есма планираат да ја продадат куќата, за која таа цел живот се надевала дека ќе стане музеј и тешко му е што се дозволило да биде оставена во ваква состојба, комплетно уништена.

-Да не беа Есма и Стево, јас навистина ќе нема кај да одам, бев сам со баба ми. Сите ние, децата кои сме одгледани од нив сме им вечно благодарни, а поради таа благодарност јас дури и моите деца ги крстив по нив. Жал ми е што дојде ред нејзиното име да се валка и да се фрла дамка на целата нејзина работа, на културното богатство кое го остави на Македонија. По не знам веќе кој пат, барам државата да покаже поголема заинтересираност и да се решат овие прашања што е можно поскоро, бидејќи никој од нас не заслужи да минува низ оваа агонија – раскажа Атанасов.

Во текот на својот живот Есма сними околу 600 песни, и имаше над 22.000 концерти, од кои голем дел беа хуманитарни.

Вики Клинчарова

Поврзани новости