Силјановска непотребно го копира уличарскиот речник на Мицкоски

by Fokus

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Кога ме прашаа во една неодамнешна ТВ-емисија што мислам, каков претседател треба да избереме на следниве претседателски избори, кратко си кажав дека е паметно кандидатите за претседател на државата да бидат – три-четири години згора, здола – ама тука некаде околу 60 години. Убави зрели години; ни премлади ни престари. Полни со енергија, со јако лично образование  и искуство, со подлабока размисла.

Другиот „услов“ ми беше кандидатот да не биде од врвот на ниедно раководно тело во партиите, особено не од најтесното, пред сѐ поради внатрепартиските игри и поради влијанието и улогата што ја имаат во спроведувањето на партиската политика било на Владата било на опозицијата (Шекеринска, Ѓорчев).

ДОМАЌИНИ ЛУЃЕ

До овде и двајцата најсериозни кандидати предложени од најголемите политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски, одат сложно и рамноправно по приближно една патека, баш според  моите најповршни, формални барања што би им ги испорачала на кандидатите. Значи, нормални луѓе, познати, почитувани и пошироко од средината во која ја граделе својата кариера. Домаќини луѓе. И само толку!

Оттука понатаму патеката на овие двајца кандидати се дели во две сосема спротивни насоки.

Едната конфузна, неизвесна и бесперспективна и другата остварлива, јасна, со фиксирана цел која се одвива логично во сите поодделни точки од линијата на политичката реторика.

Тоа, се разбира, се гледа уште сега во првичниот „филинг“, што како енергија почнува да зрачи од кандидатите. Оваа енергија, како што ќе се ближат изборите ќе добива на интензитет и на дефинитивното профилирање на ЛИКОТ не само на идниот претседател туку и на општеството во целина.

Граѓаните ќе мора да одлучат дали ќе ја пробаат новата, свежа органска храна, не баш многу по наш вкус, но ептен здрава за организмот, или ќе си сркаат од подгреаната, застојана збирштина од мувлосана манџа, направена уште во старо време, од која се исчезнати сите хранливи состојки.

Понекогаш се сепнувам од сопствената категоричност и од така лефтерното црно-бело класифицирање на работите, што, нели, не е својствено за луѓе со поголема длабочина на мислата. Сомнежот на интелектуалецот, како пристап во перципирањето на стварноста, кај мене веќе не е одржлив, иако сакам за себе да верувам дека сепак сум „мисљашчи“ човек. Цели 30 години во земјава сѐ беше подредено на агресивниот националистички диктат на ВМРО-ДПМНЕ – и кога беше на власт и кога не беше.

ЗА СЕКОЕ ГРНЧЕ- КАПАЧЕ

Социјалдемократскиот сојуз во таа ситуација лавираше и тешко успеваше да изгради здрав граѓански концепт кој нема да биде поткопан од „патриотите“. Премногу време залудно потроши во ситни чекори, но дури сега му успеа, заедно со коалиционите партии, добро да нагази и да ја откачи тешката гуња на вмровизмот, правејќи го квантниот скок од една енергетска состојба во друга.

А, Македонија си останува истата, и по табиет и на истото место, само енергијата е веќе друга. Огромна заинтересираност на сѐ поголем број граѓани е да ја биде државата, од што произлегува и нагласениот критички став кон одредени девијации во владиното поведение.

Поддршката што ја има Заев не е безусловна, се дебне секој негов чекор и гласно се алармира за сите дефекти во практицирањето на власта, и тоа не со цел тој да падне од власт и да си замине, како што има мерак ВМРО-ДПМНЕ, напротив, со цел што побргу да закрепне од тешката меѓународна операција за пробив на оловниот оклоп кој нѐ имаше поклопено и се закануваше да нѐ држи така затворени, да се испокинеме внатре меѓу себе сѐ додека не го потрошиме и последниот атом кислород.

И, како што велат старите, „за секое грнче ќе се најде поклопче“, така и сега со предложените кандидати за претседател партиите си го најдоа вистинското поклопче.

Стево Пендаровски ептен клапна и е пасент со општата политика на Владата и со најголемиот дел од граѓанството кое има решено да се доработи евроатлантскиот пат, модернизацијата на земјата во општествена смисла и да се унапреди комуникацијата со светот.

Во ова динамично време, тој ја има брзината, но не е брзоплет, ја има енергичноста, но не е силовит. Има изграден цврст став, кој го брани категорично, но со умерена воздржаност. И можеби од сѐ најбитно е што има чиста и реална перцепција на карактерот на државата во која има намера да се избори за функцијата Претседател на Република Северна Македонија, и тоа како мултиетничко и мултиконфесионално општество. Затоа и се случи зад неговата кандидатура да се изгради спој од едно широко партиско и толку етнички шаренолико големо друштво какво што за првпат се случува во Македонија.

Гордана Силјановска-Давкова, се разбира, е капачето на грнчето на ВМРО-ДПМНЕ. Како ќе изведе да се претстави како натпартиски кандидат, како што милува да каже, мене ми е сосема нејасно. За Пендаровски знаеме: активно учествуваше во разни етапи околу зреењето на тактиката во врска со решавањето на проблемите со Грција и влезот во НАТО.

СМИСЛЕН ИМИЏ

Но, за Силјановска немам некои предзнаења; освен парцијалното, „строго“ почитување на Уставот и законите и нивното професорско толкување и образлагање по желба на „прецеднико“, за други отворени блискости со ВМРО-ДПМНЕ немам слушнато. Ако некогаш и имала некои ставови поразлични од ВМРО-ДПМНЕ, сега се гледа дека тие биле само фолклорни елементи од градско-граѓанско милје кои како такви полесно проаѓале во амбиентот на универзитетската средина.

Како и да е, Силјановска уште на почетокот непотребно се изложи копирајќи го уличарскиот речник на Мицкоски, кој, пак, буквално нѐ копира сите нас што го смисливме „груевизмот“ како израз за еден систем на владеење, ама владеење и владеење… Зашто „груевизмот“ како израз не настана во првата, втората година на Груевски, туку на крајот, по „добри“, долги години и години немилосрдно владеење, бре, речиси цела епоха, подолго и од Александар Македонски.

Рано му е на Заев, според неговото презиме уште сега да му промовирате цел еден нов правец во политиката со такво епохално значење на државата. Да е Сталин жив, баш би се налутил. Сталинизам, груевизам… бре, тоа мора да се заслужи, а не овој Заев за толку кратко време и оп – „заевизам“– како да вовел нов филозофски правец!

Незнам, но од настапите што досега ги имам видено забележувам кај Силјановска некоја мала збунетост, немоќност, па и кокетирање на нејака жена, мила, ситна, незаштитена… Мицкоски, пак, како орел над неа, ја контролира и заштитнички ја поклопува, така изгледа на прв поглед.

Но јас сметам, сепак, дека тоа ќе да е смислен имиџ на Гордана, која со капацитетот со кој реално и самоуверено располага, тешко дека до крај ќе биде послушник на Мицкоски, особено кога ќе се соочи со потребата да излезе од комотниот фин академски речник.

Добро, ова се моите првични впечатоци за двајцата кандидати. Допрва доаѓаат главните предизборни препукувања и меѓу кандидатите и меѓу партиските лидери.

Како и да е ќе биде интересно и забавно

Поврзани новости