Силјановска му се извинува на Пендаровски за бегството на Груевски

by fokus

Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и екс премиер, Никола Груевски, е во бегство во Унгарија, а претседателскиот кандидат на оваа партија, Гордана Силјановска, го користи тоа за да ја нападне власта и својот противкандидат, Стево Пендаровски.

Силјановска пред само четири дена отвори свој профил на социјалната мрежа Твитер, каде е секојдневно присутна. Професорката по уставно право има и хаштаг „Извини Стево“ со кој постојано го провоцира и предизвикува Пендаровски.

„СтевоИзвини што Груевски ви избега и што никој од владата на Република Македонија (без тоа на С) не поднесе ни најмала одговорност за бегството“.

„СтевоИзвини што не го продадовте мерцедесот на Грујо и што граѓаните се возат во стари и неисправни амбулантни возила. Најбитно е Заевизмот да си се вози. Возиме напред!“

„СтевоИзвини за тоа што ги амнестиравте вратарите на терористите“, пишува таа.

Црните петна на ВМРО-ДПМНЕ, кои го одбележаа владеењето на Груевски, се дел од реториката на Силјановска, но одговорноста ја префрла кај својот противник.

Наспроти тоа кандидатот на СДСМ и ДУИ најавува поинаква изборна кампања. Пендаровски речиси воопшто не ја споменува Силјановска, а на повикот за тв дуел одговори дека ќе се јави во рамки на изборната кампања.

Тој вчера од Струмица порача дека отфрла било какви поделби и дека нуди заедништво.

-Мојот концепт нуди обединување и води напред. Без разлика на генерациска, верска, политичка припадност. Моја цел е да бидам претседател за сите подеднакво, да ги поврзувам граѓаните. Застанувам зад сите граѓани, над партиите. Нема да дозволам било која партија да го кочи развојот на земјата. Отрфлам било какви поделби и нудам заедништво. Подготвен сум да водам, да бидам достоен претставник на граѓаните и државата – рече Пендаровски.

Поврзани новости