Силјановска: Местото на премиерот не му е во претседателска кампања

by fokus

Канидатот за претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова вечерва на митинг во општина Аеродром побара поддршка за претседателската функција, истакнувајќи ја важноста на демократијата во општеството без која, како што рече, нема ниту Европска унија, ниту НАТО.

– Собранието треба да биде најспрестижната школа за демократија во која низ дијалог со аргументи со различни ставови на граѓаните се трага по консензус  за најважните решенија. Не со тиранија на мнозинството, не со купопродажба на гласови, не со кршење на Уставот и законите зашто не сме ги овластиле за тоа, не сами со себе, не така како што ќе им каже лидерот на партијата на власт, зошто тоа не е Собрание и школа на демократија туку узурпиран народен простор, рече Силјановска.

Таа потенцираше дека без поделба на власта на законодавна, извршна и судска не може да постои демократија.

– Трите власти мора да се ограничуваат меѓусебе со спреги и кочници, за ниту една да не се издигне, зошто ако се издигне една над другите тогаш жртви ќе бидеме ние граѓаните,  односно нашите човекови слободи и права, наведе Силјановска.

Таа, меѓу останатото, истакна дека на премиерот не му е местото во изборната кампања, затоа што, посочи, тој мора да ја претставува државата и претпладне не смее да биде држава, а попладне партија.

– Тоа важи и за сите министри. Тоа е проблем на демократски дефицит, значи дека во оваа земја нема демократија, а каде што нема демократија нема ниту ЕУ и НАТО. За ЕУ и НАТО треба да сте пристојно место за живеење. Ова место е далеку од ЕУ, уште еднаш ќе слушнете дека нема да почнеме преговори, рече Силјановска.

Ако сакаме да ја донесеме ЕУ дома, дополни, треба да си победиме на претседателските избори не заради мене,  туку заради почеток на крајот на една тажна 2,5 годишна сага, на една драма која беше повеќе трагедија, а напати и комедија.

Поврзани новости