Силјановска и Мицкоски во Брисел ја истакнале лошата состојба во Македонија

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со делегација од ВМРО-ДПМНЕ заедно со кандидатката за претседателка на Македонија Гордана Силјановска Давкова денеска остварија повеќе средби со европратениците во Брисел.

Мицкоски на средбата со соговорниците ја истакна лошата состојба во која се наоѓа Република Македонија и граѓаните, поради лошите политики кои ги спроведува владата на СДСМ.

-Разговаравме за актуелната политичка ситуација во Република Македонија, за политичкиот прогон, за лошата економска ситуација, разговаравме за отсуството на реформи, трговијата со правото и правдината, притисокот кој што го прави владата на СДСМ во Република Македонија, така што практично разговаравме за сите оние негативни случувања кои што сега македонската јавност е сведок пред претседателските избори и побаравме се разбира од нашите соговорници да интервенираат кај македонските властодршци, вели претседателот Мицкоски.

Тој додаде дека е многу значајно Република Македонија да конечно добие датум за започнување на преговори со Европската Унија, односно како што рече тој тоа претставува бенефит за сите граѓани на државата.

Силјановска Давкова заедно со Мицкоски оствари средба со поголем број европратеници, меѓу кои европратеникот и известувач во Европскиот Парламент за Република Македонија Едвард Кукан и со европратеничката Маријана Петир, а разговор остварија и со лидерката на владејачката германска партија ЦДУ Крамп Каранбауер која дала поддршка на Силјановска во пресрет на изборите. Делегацијата учествуваше и на политичкото собрание на ЕНП.

-Имавме средби со пратеници, ќе имаме средби со премиери, ќе имаме средба со претседателот на ЕПП, со претседателот на Комитетот за надворешни односи на ЕПП. Интересно инспиративно, мислам дека е ова вистински момент за запознавање, изјави Силјановска Давкова.

Поврзани новости