Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова во интервју за МИА не дава директни забелешки за работата на досегашниот претседател Ѓорге Иванов, правдајќи се дека не сака да критикува колеги, но најави дека многу работи ќе ги прави поинаку, доколку биде избрана за шеф на државата.
Почесто ќе се обраќа до Собранието, ќе ги сензибилизира пратениците за важни прашања, ќе го почитува принципот на меритократија секаде каде што претседателот има надлежности да именува, а ќе биде и поактивна во дипломатијата, особено во изборот на оние кои ќе нè претставуваат пред меѓународната заедница.
-Ретко зборувам за колеги, секогаш одбивам да одговорам, велам тоа е прашање за наставничкиот совет. Јас му забележав за Законот за високото образование, сум му забележала и за Законот за парламентот, може да има закон, ама во Уставот не пишува. Кога зборувам за оцена на некој човек, еве да речеме на сегашните политичари не заборавам дека зад нив стојат стотици илјади гласови, зад претседателскиот мандат на Иванов стојат 530 илјади гласови. И кога ме прашувате за кохабитацијата, на тоа мислев. Вие мора да го почитувате соговорникот заради изборот, ама јас полно работи ќе ги правам на поинаков начин.
Претседателите имаат право да се обраќаат до Собранието, ако тоа се врзе за претставувањето на граѓаните дома и во странство тоа може да биде моќен инструмент. Зошто да не ги сензибилизира претседателот/претседателката пратениците за прашањата за лицата со посебни потреби, за Ромите, за здравствените работници, бидејќи тие си заминуваат, наместо да добиваат најмалку илјада евра плата, добија покачување од пет отсто. Зошто претседателот да не се обрати за еколошката македонска катастрофа затоа што денеска еколошката криза е број еден проблем во светот, а за мене тоа е безбедносна дилема. Или зошто претседателот ако стави вето, а не го разгледуваат пратениците, туку само си гласаат, што е негирање, претходно не се обрати пред Собранието за да ги образложи причините за ветото дека тоа се Уставот и законите, а не не манифестирањето сила, па да се соочи со демократски притисок од јавноста. Зошто претседателите да не водат сметка дека уставни судии мораат да бидат луѓе, кои се врвни адвокати, врвни професори, врни судии, а не партиски луѓе. Зошто во Советот за безбедност да не седат експерти за безбедносни прашања, туку луѓе кои се горе долу блиски до партијата. Зошто одликувањата да одат кај луѓе кои не се синоним за знаење, за креација. Има многу прашања кои мислам дека ќе ги направам на мој начин, вели Силјановска-Давкова.