Силекс испадна, Шкупи оди во следна фаза

by fokus

Шкупи успеа да го елиминира Лапи по ремито 1:1 вечерва во Приштина и благодарение на победата во Скопје со 2:0 ќе игра во второто квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА против Санта Клара.

Али Адем ја искористи шансата да игра од 63 минута на местото на Матеј Цветановски и постигна убав гол во 78 минута за предност на Шкупи во реваншот.

Во тие моменти Лапи играше со фудбалер помалку по исклучувањето на Емини, но сепак успеа да постигне израмнувачки погодок во 84 минута, кој сепак беше недоволен за пласман понатаму.

Следен ривал на Шкупи ќе биде португалскиот прволигаш Санта Клара, кој е единствениот тим од Азорските острови што настапил во еврокуповите.

Истовремено, екипите на Силекс и Струга Трим Лум го завршија настапот во првото коло за пласман на УЕФА Конференциската лига.

Силекс на гостувањето во Молдавија кај Петрокуб денес загуби со 1:0 и тоа со гол постигнат во 95 минута.

Првиот натпревар кој се играше минатата недела во Скопје заврши 1:1, а Силекс доколку не примеше гол ќе се играа продолженија.

Инаку, во второто коло во Конференциската лига ќе игра и Шкендија, откако тетовци испаднаа во квалификациите за Лигата на шампионите со катастрофални 0:6 против Мура.

Поврзани новости