Сила на незнаењето, моќта на образованието

by Fokus

Поради сите присутни слабости и негативности во нашиот образовен систем, со огромно политичко влијание, но и верски и националистички влијанија, образовниот систем е дезинтегриран и невоедначен и не само што создава кадар што е неупотреблив, туку создава и дополнителни поделби и подвојувања во општеството

Звонко ДАВИДОВИЌ

Образованието е фундаментално човеково право. Тоа им овозможува на децата, младите и на возрасните моќ критички да размислуваат, да прават избор и да си го подобрат животот, го разбива затворениот круг на сиромаштијата и е клучен елемент на економскиот и социјалниот развој. (EFA, UNESKO)

Образование потекнува од латинскиот збор educatus, educate, educere и означува процес на промена на личноста во посакуваната насока со усвојувањето различни содржини, во зависност од возраста и потребите на поединци. Покрај образовните содржини, во образовниот процес се вклучени и воспитните содржини што на најважната образовна институција, училиштето, му дава воспитно-образовен карактер. Со развитокот на системот за комуникација, образованието станува глобален процес, кој исклучително тешко се насочува само во саканиот правец на одредена социјална заедница.

ОБРАЗОВАНИЕТО ВО АНТИЧКИТЕ ОПШТЕСТВА

Во развојот на човекот и општеството воопшто, образованието не било достапно секому и било привилегија, а не право. Во античките општества, а и подоцна, образованието било достапно на мал број привилегирани луѓе, а писменоста била на исклучително ниско ниво. Најчесто само верските великодостојници го разбирале писмото и им било достапно образованието, додека за останатите, учењето претставувало преземање на веќе востановеното однесување на постарите.

За голем дел од населението, сточарството, земјоделието, занаетчиството биле единственото достапно образование, кои им го пренесувале нивните родители. Релативно малиот број книги, рачно пишувани и умножувани биле една од причините за големата неписменост кај населението. На владетелите и земјопоседниците, благородништвото и свештенството им одговарало незнаењето и образовната темница што владеела во тоа време затоа што знаењето е моќ, а со неписмен и суеверен народ, лесно се владее. Дури со пронаоЃањето на машината за печатење во 1454 година се олеснило умножувањето на книгите и текстовите, кои полека низ вековите стануваат достапни на широките народни маси.

Образованието во својата денешна форма, која вклучува постоење посебно изградени објекти во кој ќе се одвива наставниот процес, почнало да се развива постепено и бавно. До пред само еден век, децата на богатите имале свои приватни учители и образовниот процес се одвивал дома. Поголемиот дел од населението немал никакво образование сѐ до почетокот на 19 век, кога  за првпат во Европа и во САД почнал да се воведува системот на основни училишта.

РАЗВОЈОТ НА ИНДУСТРИЈАТА

Развојот на индустријата и создавањето на градовите врши огромно влијание на образовниот процес поради специфичните потреби за специјална едукација предизвикана од нив. Содржината на образованието е диктирана најчесто од потребите на индустријата, општеството, но и државата. Образовниот процес, луѓето треба да ги запознае и да им ги пренесе основните вештини како што се читањето, пишувањето и математиката но треба да ги запознае и со нивната физичка, социјална и економска средина.

Образованието и покрај тоа што го сфаќаме здраво за готово и со него експериментираме долги години наназад, без да бидеме свесни дека тоа е еден од најважните процеси што ја обликуваат иднината на едно општество, па и на човештвото воопшто.

Краткиот осврт на историјата на образованието покажува колку тој процес бил важен и љубоморно чуван од страна на поединци и колку долго траела борбата за достапност на истиот на пошироките народни маси. Образованието треба и мора да претставува процес со кој општеството ќе ги пренесе акумулираните знаења, вештини и вредности од генерација на генерација.

Честото менување на обликот на образованието предизвикан од политички или од национални фрустрации, а особено менувањето на неговата форма го оневозможува континуитетот на пренесувањето на знаењата од генерација на генерација. Посебен проблем претставува националната разновидност и јазичните бариери комбинирани со политички условувања.

Едукацијата би требало да овозможи лингвистичко обединување, заедничко живеење и културно уважување, но во општествата, како што е нашето, образовниот систем, како и сѐ друго претставува политичка монета за поткусурување и доведува до гетоизирање, а не до сплотување. Проблемот на разновидноста, јазичната, културна, верска, национална, не се решава со изнаоѓање форми и решенија во кој би биле вклопени сите ученици, со што би се овозможило градење на едно хомогено општество во кое би живееле едни со други, а не едни до други, туку се решава со понатамошно раздвојување и гетоизирање преку отворање образовни институции по национален клуч.

Тоа го подјадува, не самиот систем на образование, туку и темелите на државата и оневозможува градење граѓанско општество еднакво за сите. Ова понатаму создава потреба од нови механизми за инкорпорирање на таквите ученици во системот, кои во себе не го содржат знаењето и квалитетот како основно мерило и услов, туку основно мерило и услов станува националната припадност.

ПОЛИТИКА НА ПОПУЛИЗАМ

Политиката и сеприсутниот популизам овозможија и образовниот процес да стане област на политичко делување и негово регулирање по национален клуч, што понатаму ги создава рамковните договори, Бадинтеровото мнозинство, субвенции за национални малцинства при вработување во приватниот сектор и неспособноста и катастрофалното незнаење на администрацијата и јавните функционери примени по “клуч“.

Слободниот натпревар во квалитетот и знаењето помеѓу оние кои конкурираат за работа или позиции е оневозможен со ваквите механизми во кои националната припадност е основна квалификација и квалитет.

Неспорно е дека образованието има важна функција во секое општество и токму поради тоа секоја влада сака да ја дефинира концепцијата и содржината на образованието  за секој поединец со цел истиот да ги прифати вредностите и нормите на системот. Токму поради тоа државата обезбедува финансирање на образованието.

Преку едукацијата треба да се развијат чувствата за сопствената култура, но и за почитување на општествените принципи и солидарноста, а со тоа се обликуваат свеста и ставовите на поединецот кон процесите во општеството и кон системот на власта. Преку силен и добро осмислен образовен систем се менува структурата на општеството, на семејството и професијата, а училиштето претставува мост меѓу семејствата и општеството.

Образованието треба да овозможи еднакви шанси за секого и можност за менување на положбата на некои поединци што ја стекнале со раѓање или со наследство. Едукацијата треба да биде можност за еднаков натпревар и конкуренција, во која знаењето и квалитетот ќе бидат решавачки и треба да ги воспита децата и да им покаже дека нивната позиција не е загарантирана, туку е условена во споредба со знаењето и квалитетот на другите и дека поединецот е само еден од многуте што имаат еднакви шанси. Вреднувањето на постигнувањата и успехот треба да се врши според општите стандарди а не според критериуми на национална, социјална, верска, расна или друга припадност.

СЕЛЕКЦИЈА НА НАЈСПОСОБНИТЕ ПОЕДИНЦИ

Образованието би требало да биде општествен механизам на селекција, во кој изборот на најспособни поединци би бил на најбитните места во општеството. Исто така, тоа е и општествен механизам за распределба и дистрибуција на луѓето во определени професионални улоги. Со исполнување на овие функции, образованието влијае и врз зајакнувањето на социјалната интеграција, што е особено важно во верски и етнички мешани општества.

Особен проблем во образовниот процес и систем создава идеолошкото и политичкото влијание на секоја партијата што е на власт, а која постојните социјални односи сака да ги задржи. Тоа го прави на два начина. Прво, преку репресивните апарати (полицијата, судството, војската) и идеолошките апарати (религија, семејство, итн.) од училиштето создава наместо образовно воспитна установа, идеолошки државен апарат, бидејќи во училиштето не се учат само знаења и вештини потребни за работа, туку се пренесува и идеологија.

Главната цел на идеологијата на училиштата е да ги убеди идните вработени дека нивната позиција е природна, непроменлива и оправдана, а нивното место во општеството е токму онаму каде што и се наоѓаат. Во училиштата, идните работници учат да бидат точни, послушни, дисциплинирани така што нема да го загрозат постојниот систем на производство и организацијата на општеството како целина. Децата во училиште се подготвуваат за своите улоги во пазарот на трудот.

Авторитарната структура на училиштето е слична на бирократската структура на компаниите. Во двете позитивно се вреднува: напорна работа, послушност, покорност. Втората сличност е што во училиштата сѐ помалку се учи за знаење, а сѐ повеќе за оценка, исто како што возрасните не работат затоа што ја сакаат својата работа, туку затоа што се мотивирани само со плата.

Вториот начин на кој државата врши идеолошко влијание е често менување на содржината и програмите според потребите на државата, а не на учениците, и воведување образовни програми што содржат училишна скриена програма  која има за цел суптилно да ги обликува децата по барањата на владините институции.

СТАНДАРДИТЕ НА СРЕДНАТА КЛАСА

Наставниците ги обликуваат особините што се во склад со стандардите на средната класа (совесност, одговорност, сигурност, самоконтрола, ефикасност) и од учениците се бара да бидат точни, тивки, да го чекаат својот ред, да се прилагодат со барањата на групата. На ваков начин се оневозможува секакво самостојно размислување спротивно на веќе востановеното и дозволено размислување и однесување, а сѐ со цел да се задржи статус кво состојбата.

Токму поради сите присутни слабости и негативности во нашиот образовен систем, со огромно политичко влијание, но и верски и националистички влијанија, образовниот систем е дезинтегриран и невоедначен, и не само што создава кадар што е неупотреблив, туку создава и дополнителни поделби и подвојувања во општеството. Ваквиот систем на образование влијае врз севкупниот хаос во општеството и неефикасноста на државните институции, создава правна и социјална несигурност и нееднаквост и не го унапредува ниту поединецот, ниту државата, ниту општеството. Наместо максимата незнаењето е моќ, би требало сериозно да поработиме на образовниот систем  знаењето да стане моќ.

Поврзани новости