„Си го погазивме идентитетот за да не ни гладуваат децата“

by fokus

,,Барам бугарско државјанство, затоа што се чувствувам како бугарка’’ – тоа биле зборовите со кои што нашата триесетидевет годишна соговорничка од Велес го започнала своето интервју со бугарските службеници во Министерството за надворешни работи во Софија пред две години, кога заедно со сопругот тргнала по лавиринтите за добивање на бугарско државјанство. Оваа жена, факултетски образована, мајка на едно малолетно дете, се решила да го погази своето достоинство и своите корени, водена единствено од желбата за подобар живот. Вели дека со својата и платата на сопругот не може да си дозволи нормален живот, и единствениот излез го гледале надвор од земјава, во некое развиено општество.

,,Барањето на бугарски пасош лично го доживеав како најголемо понижување во животот. Но немам друг излез. Ниски плати, отплаќање на кредит за стан, проблеми на работа. Наши блиски пријатели уште пред многу години добија бугарско државјанство и се преселија во Обединетото Кралство. Редовно сме во контакт, имаат среден живот, па решивме да се обидеме со помош на бугарски пасоши и ние да се преселиме во градот каде што живеат, бидејќи имало работа според мојата и струката на мојот сопруг, а платите се далеку повисоки од нашите’’ – вели нашата соговорничка.

Додека разговараме, лицето и се вцрвува, и таа не крие дека се срами од самата себе затоа што маката ја натерала да игра по нечии правила и да тврди дека е нешто, кое што никогаш во животот не била.

,, Добивме телефонски контакт од лице кое што организирано носи цели групи преку граница, им ги средува сите формалности околу аплицирањето на бугаркиот пасош, и го започнавме нашето патешествие. Организаторот, кој што е од еден мал град од внатрешноста ни даде цели тетратки испишани со прашања и одговори кои што треба да ги научиме за потребното интервју со бугарските органи. Ги учевме нивните празници, историски личности, а моравме да обезбедиме и доказ дека имаме роднини со бугарско потекло, или евентуално дека некој наш роднина, дедо на пример, служел во бугарската војска. Ни беше кажано дека зборот Македонија не смееме да го изговориме!’’ – се присетува жената.

И сите останати кои што аплицирале за бугарски доументи, едногласни се дека морале добро да се ,,потковаат’’ со познавање на бугарскиот јазик, да ги научат позначајните бугарски историски настани и празници, но и да докажат дека имаат крвни врски со роднини од Бугарија. Сепак, нашата соговорничка на прашањата кои што и биле поставувани на бугарски јазик, одговарала на македонски, бидејќи освен што не го зборела добро нивниот јазик, не сакала дополнително да си става сол на раната.

,,Не прозборев ниту еден збор на бугарски, бидејќи почувствував дека ако изустам само еден нивни збор, нема да издржам, ќе се скршам психички и ќе започнам да плачам. Но задолжените за интервју добро го разбираа и нашиот јазик’’ – вели таа. Додава дека освен што е потребно многу време за да се заврши целата процедура, потребни се и пари.

,,Организаторот ги завршуваше сите формалности, кај нотар и во други институции, ние само потпишувавме документи и плаќавме. Целата процедура не чинеше нешто над 1.000 евра за двајцата со сопругот, но се уште ги чекаме пасошите. Жал ми е што не можеме да го живееме нашиот сон во родната земја, и моравме да си го бараме достоинствениот живот на таков начин, во туѓа земја. Ќе повторам, мене ова ми беше многу понижувачко искуство, но се согласив на се, за подобар живот на моето дете и семејство’’ – раскажува велешанката, која што сакаше да остане анонимна, а чиј што идентитет е познат на редакцијата на ,,Фокус’’.

И четирисетидве годишниот Д.Д. од Неготино ги поминал истите процедури уште пред неколку години, и веќе успеал да добие бугарско државјанство. Вели дека аплицирал за документите исклучително поради беспарицата во која што се наоѓало неговото семејство, и сега работел како шофер на камион.

,,Ако ги разгледате огласите во кои што се бараат шофери на камиони, ќе забележите дека во повеќето е напоменато дека кандидатите треба да поседуваат бугарски пасош поради патувањата во повеќе земји. Јас не знам да работам ништо друго, освен да возам камион. Морав да барам бугарски пасош, затоа што тоа беше единствениот начин да можам да работам и да заработувам доволно за да си го прехранам семејството’’ – вели тој.

Но освен долготрајната процедура за добивање на бугарски документи и изгубеното време и финансиски трошоци со кои што се соочил, на крај тој доживеал и непријатности со негови познаници, кои што го нарекле предавник.

,,Кога дознал дека добив бугарски пасош, пред неколку години, еден мој сосед ме нарече предавник. Бев изненаден, и го прашав дали тој ќе ми ги плати сметките и ќе ми храни ги децата, кога веќе си зема за право да ми суди. Овде еден период работев како возач на локално ниво, едвам земав по 15.000 денари месечно. Доволни се за живот, да, ама ако киријата е 500 денари, сметките исто така 500, да не зборам за се друго што е потребно за нормален живот. Кој што сака може да ме осудува, да ме нарекува предавник и бугарин, но егзистенцијата на моите деца ми е пред било чие мислење и јас мирно спијам’’ – вели неготинчанецот.

Според статистички податоци пласирани од Евростат, во последниве десеттина години дури околу 64.000 македонци станале бугари, односно добиле бугарско државјанство и пасош, а не е познат бројот на оние кои што аплицирале и сеуште го чекаат посакуваното државјанство.

Освен 64.000 македонци кои што во последниве десеттина години станале бугари, околу 18.000 македонци станале швајцарци, односно добиле тамошно државјанство. Околу 10.000 добиле италијански пасоши, а околу 4.000 добиле австриски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости