Шврговски: Казната за Мијалков е драконска

by fokus

Затврската казна за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков е драконска, изјави еден од неговите адвокати, Љупчо Шврговски по објавувањето на пресудата за масовното прислушување за кое Мијалков беше осуден на 12 години затвор и му беше определен затворски, наместо куќен притвор.

-Казната е драконска. Да се даде максимум за секое поединечно кривично дело каде е поднесен обвинителен предлог е правен преседан. Нема да најдете ниту една ниту една пресуда во аналите на правосудството каде за обвинителен предлог е дадена максимална казна затвор, рече Шврговски.

Тој смета дека е незаконска и одлуката на судот куќниот притвор да му биде заменет со ефективен бидејќи Мијалков немал повредено ниту една одредба за домашен притвор. Објасни дека Мијалков ќе биде спроведен во Шутка откако судот ќе го изготви новото решение за затворски притвор, а дотогаш ќе биде во куќен притвор.

Мијалков може да биде во притвор најмногу 60 дена од објавувањето на пресудата, бидејќи постапката против него била скратена и се водеше по поднесен обвинителен предлог, а не обвинение. Според Шврговски, Мијалков може да биде во Шутка до крајот на април, освен ако дотогаш Апелацискиот суд не ја потврди оваа пресуда и не стане правосилна.

Тврди дека не знае каде се криел Мијалков во деновите кога по него беше распишана потерница и не беше достапен за органите на прогонот. -Не знам каде бил, немав никакви контакти со него тој период, рече Шврговски.

Одбраната на Мијалков најави жалби и против пресудата и против решението за определување на притвор.

Поврзани новости