Шврговски бара специјален обвинител за „Таргет и Тврдина“

by fokus 11:11
11:11

Љупчо Шврговски, адвокатот на екс директорот на УБК Сашо Мијалков, на денешното рочиште за случајот „Таргет и Тврдина“ побара запирање на кривичната постапка, бидејќи не го признава предавањето на предметите од СЈО во редовното обвинителство.

-Бараме запирање на кривичната постапка бидејќи се води без барање на овластен тужител. Законот за СЈО е со важење до 2020 година, па според тоа само СЈО може да води истраги, да поднесува обвиненија…бидејќи само специјалниот јавен обвинител е овластен тужител, рече Шврговски.

- Advertisements -

Тој истакна и дека предметот е од областа на Ораганизиран криминал и корупција, а во судница е присутен обвинител од Основното јавно обвинителство.

-Денес присутниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство не е надлежен да постапува. Денес треба да биде присутен обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Не може обвинител од основна надлежност да застапува предмети од проширена надлежност, рече Шврговски, а зборувајќи за обвинителот Артан Ајро, кој и понатаму е овластен за случајот.

Тој ги оспори и сите досегашни преземени дејствија од СЈО.

-Досега преземените дејствија од специјален јавен обвинител со делегирање на предметите се правно неиздржани. Се работи за два различни закони, Законот за СЈО и Законот за Јавното обвинителство, заклучи Шврговски.

Судиите Џанета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ одлучија дека присутниот обвинител е овластен тужител за предметот, по што судењето продложува.

В.В.

Поврзани новости