Штрајкот на УПОЗ ставен во мирување

by fokus

После скоро два месеци на улица, судските работници одлучија да го стават во мирување штрајкот на судовите низ државата. Ваквата одлука е донесена од страна на УПОЗ, Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженија на граѓани, и ЗСА, Здружението на судска администрација.

„Според Законот за судовите, според кој годишните одмори започнуваат од 15 јули и траат до 15 август, за кој период се извршуваат само нужни работи, помалку отколку за време на штрајк, УПОЗ и ЗСА одлучија дека во овој период штрајкот ќе мирува. Но, тоа не значи дека прекинува, и датумот на неговото продолжување ќе биде дополнително утврден“, се вели во денешното соопштение на УПОЗ и на ЗСА.

Од таму велат дека доколку штрајкувачите во меѓувреме се соочуваат со притисоци и закани од судската власт, штрајкот веднаш ќе се активира и ќе продолжи со поголем интензитет.

На последниот состанок меѓу УПОЗ и ЗСА, како што информираат, било констатирано дека судската и извршната власт и понатаму се незаинтересирани за дијалог и за наоѓање решение за барањата на штрајкувачите.

„Судската и извршната власт со својот игнорантски однос кон штрајкот и барањата на штрајкувачите во изминатите 58 дена, како и со незаконското казнување со намалување на нивните плати од 40 отсто, создадоа невиден хаос во судовите и сакаат да предизвикаат поделеност, со цел да го скршат штрајкот“, се вели во соопштението.

Поврзани новости