Штрајкот на СОНК ставен во мирување, просветарите биле под огромни притисоци

by Fokus 17:37
17:37

Штрајкот на просветарите, кој требаше да почне од утре официјално е ставен во мирување. Таква одлука е донесена пред 20 минути на седница на Советот на СОНК, потврди за „Фокус“, првиот човек на синдикатот Јаким Неделков. Тој вели дека преговорите со министерството за образование ќе започнат веднаш и треба да завршат до крајот на годината, со позитивен исход. Ако не се случи тоа, генералниот штрајк повторно ќе биде активиран.

– И двете страни се соогласивме дека треба преку социјален дијалог да се решаваат проблемите. СОНК ќе почне веднаш со преговори, при што очекуваме да се одвиваат во позитивна насока. Јас кажав дека, ако не викнат на преговори штрајкот ќе го ставиме во мирување. Ако тоа не го направевме, сигурно ќе не обвинеа дека тераме политика. Затоа, прво ќе видиме како ќе се одвиваат понатаму преговорите и што ќе направиме, па после тоа ќе размислуваме дали ќе има штрајк или не – тврди Неделков.

- Advertisements -

Тој додава дека една недела пред штрајкот, наставниците и професорите се соочиле со огромни притисоци, но сепак, тоа не било пресудно за да се откаже најавениот генерален штрајк.

– Имаше многу притисоци и закани. Дури и многу од членството се уплашија и се откажаа, но тоа не значеше дека штрајкот немаше да почне. Ако не бевме викнати на разговори, штрајк ќе имаше, без разлика колку од членството ќе го подржеше – истакна Неделков.

Веќе неколку денови, просветните работници се соочија со огромни притисоци, да не излезат на штрајк, бидејќи можат да останат без работа. Против најавениот штрајк излегоа синдикалните лидери на пожарникарите, комуналните работници, земјоделците кои се дел од Конфедерацијата на слободни синдикати, а потоа се појавија и родители кои тврдеа дека штрајкот не треба да се одржи бидејќи нивните деца треба да учат.

Министерството за образование и наука ја поздрави одлуката да се стави во мирување штрајкот.

– Министерството потврдува дека прифаќа и дебата за унапредување на системот на екстерното тестирање, но единствено во насока на зголемување на знаењето на учениците и подигнување на објективноста на наставниците при оценувањето, додека по однос на барањето за зголемувањето на платите на вработените во областа на образованието, истото е дефинирано во Програмата за работа на Владата, при што за оваа календарска година предвидено е зголемување за 4%. Во следните години, зголемувањето ќе зависи од буџетските можности – велат од владата.

Поврзани новости