Што преставува новиот сој на корона вирус – омикрон?

by Fokus

Новиот сој на коронавирус, наречен омикрон, првпат беше идентификуван од јужноафрикански научници, но не е сигурно дека првпат се појавил во Јужна Африка.

Засега е регистриран во Белгија, Боцвана, Хонг Конг и Израел. Тој засега не е евидентиран во Соединетите Американски Држави, објавија американските Центри за превенција и контрола на болести (ЦДЦ).

Се верува дека омикрон, познат како Б.1.1.529, е многу позаразен од другите варијанти на коронавирус.

Во Јужноафриканската Република е забележан пораст на бројот на пациенти од просечни 200 дневно на дури 2.465, за што научниците ја обвинија новата варијанта.

Светската здравствена организација соопшти дека прелиминарните докази покажуваат дека дури и оние кои веќе имале ковид, може да се заразат со омикрон.

Тој има 30 мутации во себе, што објаснува зошто толку лесно се шири. Вирологот Лоренс Јанг го опиша омикронот како сој на вирусот, кој има најмногу мутации досега, вклучувајќи ги и оние кои досега не се забележани.

Коронавирусот мутира додека се шири, некои варијанти преживуваат, некои умираат.

Научниците велат дека е можно омикрон да потекнува од некој кој веќе бил заразен со коронавирус, како што беше случајот со британскиот (алфа) сој, кој беше создаден од вирусот кој мутирал кај лице со нарушен имунитет.

Сè уште не е познато дали оваа варијанта предизвикува посериозни клинички слики од бета и делта варијантите на коронавирусот.

Исто така, ќе биде потребно време да се утврди дали постоечките вакцини се ефикасни против новиот сој на вирус. Питер Опенсоу, професор на Кралскиот колеџ во Лондон, вели дека е малку веројатно вакцините да не делуваат против омикрон, бидејќи вклучуваат голем број мутации.

Прашање е колку новиот сој ќе може да се прошири низ светот и да го загрози моментално најдоминантниот вид – делтата.

Светската здравствена организација  омикрон го оквалификува како варијанта која „предизвикува загриженост“, предупредувајќи дека може да се шири побрзо од другите форми на вирусот.

Омикрон, именуван по грчката буква, е петтиот сој што е означен како „предизвикува загриженост“. Во истата категорија е и делта варијантата, која стана најзастапена во светот.

Постојните ПЦР тестови успешно го детектираат новиот сој, се наведува во синоќешното соопштение од СЗО.

Поврзани новости