Што крие Јордан Коцевски во своите „Тегли“: Човечки органи или нешто „подлабоко“?

by Fokus

Романот „Тегли“ на авторот Јордан Коцевски беше апсолутен хит на изминатиот Саем на книга, и според издавачката куќа „ПНВ Публикации“, ова дело било најпродавано кај читателите од Македонија.

За Коцевски, кој е доктор по туризам и угостителство, ова е прво дело, а пред извесен период охридскиот автор најави и свој втор роман. Во разговор за „Фокус“, тој ни раскажа нешто повеќе за неговото прво дело, но и за тоа што се крие во неговите „Тегли“.

„Навистина не можам точно да одредам како ми се појави идејата за да напишам една книга. Таа веројатно отсекогаш била присутна и тлеела во мене, само што конечно собрав храброст да ја пламнам“, го започна разговорот Коцевски.

За голем дел од читателите, книгата е морбиден трилер кој носи убави пораки, па го запрашавме Коцевски, што крие тој во неговите „Тегли“, знаејќи го морбидниот почеток на оваа книга.

„Моите тегли се уредно наредени на полици, групирани и етикетирани, со цврсто затворени капаци, а содржат искуства. Така секогаш кога ми треба да се потсетам, веднаш знам каде да го побарам соодветното искуство“, дипломатски одговори нашиот соговорник.

Тој веќе долги години е во туристичката професија, која според него била од голема полза во создавањето на неговата книга.

„Да се работи како туристички водич подразбира секојдневно да се биде во контакт со различни луѓе. Тоа истовремено е размена на искуства, мислења и култури со туристите. Токму тоа многу ми помага во создавањето на ликовите, затоа што си имам навика да ја забележувам невербалната комуникација, манирите, ставовите во склоп со вербалната, односите помеѓу различните членови на групата и сл. Нивните приказни, некогаш можат и да бидат инспирација за пишување. Од друга страна пак, тоа што сум доктор по науки и работев како асистент, ми внесува една поинаква перспектива при пишувањето, а тоа е мојата потреба да истражувам, да анализирам повеќе перспективи или ставови за една тема, за потоа тоа да го применам во моето пишување“, анализира Коцевски.

Во однос на тоа каде се гледа во иднина, тој истакна дека во блиско време сè уште се гледа како балансира помеѓу водењето туристи и пишувањето, додека во подалечна иднина пишувањето фикција го гледа како негова главна професија, а водењето како хоби.

Но, дали во Македонија може да се добие некоја пристојна заработка од продажба на книги преку одредена издавачка куќа?

„Реално, сè зависи од договорот кој авторот ќе го потпише со издавачката куќа. Затоа треба да се биде многу внимателен и да се прочита детално пред да се потпише. Јас сум задоволен од мојот договор, затоа што сепак ова е мој дебитантски роман, но без втората дејност која ја вршам како туристички водич, тешко би се снашол финансиски“, додава Коцевски.

Голем дел од авторите си имаат некаков репер во литературата при создавање на некое од нивните дела, па таков е случајот и со нашиот автор.

„Тешко е да се каже, затоа што почетоците на „Тегли“ (првата и втората глава) и остатокот се пишувани во различни периоди. Мислам дека Стивен Кинг со неговото „обични луѓе во необични ситуации“ при пишувањето на првата глава и запознавањето со ликот на провалникот, додека кога го пишував целото дело најверојатно Карин Слотер, во чии новели најчесто има силни женски ликови со интересна и мрачна позадина“, истакна тој.

Некогаш и не е толку тешко да се именува делото кое оставило силен впечаток додека сме го читале и сме останале под силни импресии долго време.

„„Добрата ќерка“ (The good daughter) на Карин Слотер. Овој трилер за мене е ремек дело кое неверојатно успешно си игра со информациите кои им ги дава на читателите. Токму тоа ме „измести од чевли“, моментите во кои дознаваш дека тоа што го знаеш, всушност не го знаеш, емоциите кои се будат кај читателот од спознанието, а посебно значењето и длабочината која ја доби еден од споредните ликови во книгата“, раскажува нашиот соговорник.

За крај на нашиот разговор, го запрашавме Коцевски кои се неговите најголеми стравови и добивме мошне интересен одговор.

„Моментално ги поправам забите и се поврзав со мојот дамнешно заборавен страв, дека додека стружат по забите со алатката што прска вода, можам да се удавам, да пробам да голтнам, но дека јазикот не треба да ја допре алатката не можам да го направам тоа правилно, па да ме фати паника и насобраната вода да ми замине в душник“, го заврши разговорот нашиот автор.

Неговиот најнов роман „Заследи ме“, кој е драма и психолошки трилер, се очекува да излезе во текот на наредниот месец.

Фото – Приватна архива, ПНВ Публикации

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости