Што имаат заедничко македонските новинари со Прасенцето Пепа?

by fokus

За жал, и новинари кои наизуст ги знаат професионалните стандарди секојдневно се валкаат во калливите вирчиња на ширењето лажни вести. Во трката по профит се нарушува приватноста на граѓаните, се сквернави домот, интимата. Се опишуваат детали од убиства и самоубиства, грабнувања и киднапирања, сензационалистички се пишува за швалерки, сопруги, неверства, се растураат бракови, како да станува збор за виртуелна реалност, а не за вистински живот.

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

Откако дојде плурализам и во медиумскиот простор во Македонија на почетокот на деведесеттите, кога се во прашање професионалните правила и новинарската етика, ние новинарите сето ова време личиме на Прасенцето Пепа, популарниот лик од истоимениот цртан филм. Прасенцето Пепа инаку многу совесно се однесува во својот дом, кон родителите и кон личната хигиена. Ги мие забите пред спиење, си ја уредува собата, но бидејќи е прасенце, нели, ужива катаден да скока во калливи вирчиња, па дури успева да ги намами своите другарчиња – овцата Рози, кучето Дени, зебрата Зои… заедно да се бербатат во калта, а потоа сите се смеат на глас.

НОВИНАРСКА ЛЕКЦИЈА

Ете, така некако ми изгледа нашето новинарско патешествие изминативе три децении. Пред првите парламентарни избори во Македонија, во посета на нашето новинарско здружение беше американска новинарка, која ни држеше основна новинарска лекција, дека секоја објавена вест или информација мора да ги содржи одговорите на петте прашања – кој, што, кога, каде, зошто (five „W“), и дека во секој објавен текст кој содржи обвинување или напад на некоја личност или институција, мора да биде прашана и втората страна. Ееееј колку не потценува, си коментиравме меѓу себе. Па ако сме живееле во комунизам, не значи дека сме елементарно новинарски неписмени. И на нашите „комунистички“ факултети се учеа основите на новинарската професија, иако медиумската реалност беше еднопартиска.

За жал, многу брзо се виде дека лекцијата не била попуста, без оглед што и се ругавме на Американката. Некои од нас, на кои бездруго не им беа туѓи основните професионални и етички правила на новинарството, почнаа флагрантно да ги кршат. Нивните текстови, аудио и ТВ прилози личеа повеќе на обвинителни акти, шпекулативни политички памфлети, партиски и идеолошки трактати и пропагандистички писанија, отколку на аналитички или истражувачки новинарски продукти. Во централниот дневник на некои приватни национални телевизии, вестите и коментарот на уредникот, најчесто насочен против политичкиот противник, се емитуваа истовремено и измешано. Во некои, т.н. опозициски весници, власта се атакуваше од сите оружја и без пардон, многу често и со право, но најчесто без да ѝ се даде шанса на одговор.

Основачот на „Фокус“, Никола Младенов, кој беше обвинет дека неделникот е „жолт печат“, затоа што наводно објавува непотврдени вести и шпекулации, во една прилика изјави: „Подобро жолт, отколку црвен“. Се разбира, тоа повеќе беше досетка која го опишуваше монополизираниот медиумски амбиент на тогашната владеачка партија и нејзината вистина, отколку признание дека „Фокус“ не ги почитува професионалните стандарди. За кршењата на новинарската етика немаше никакво оправдување, но тогаш многу поголем проблем беше наследениот еднопартиски медиумски систем, јавнат од тогашната власт.

„ШИБИЦАРИ“ – ГАЗДИ НА ИНФОРМАТИВНИ ПОРТАЛИ

Поминаа речиси три децении, а работите не се сменија. Напротив, се влошија. Технолошката револуција, појавата на Интернет и особено на социјалните мрежи им овозможи на сите да се занимаваат со новинарство. Или барем онака како што тие го разбираат. Денес можеш да бидеш и бербер и арабаџија, и уличар и „шибицар“ и можеш да отвориш информативен сајт (или „њуз-портал“). Минатиот режим на Никола Груевски регрутираше армија пропагандисти, кои скриени зад професијата новинар, клеветеа, ширеа лаги за инакумислечките и блуеја омраза против различните. Иако денес тоа не е официјална режимска политика, таквата практика е присутна и натаму.

За жал, и новинари кои наизуст ги знаат професионалните стандарди секојдневно се валкаат во калливите вирчиња на ширењето лажни вести. Во трката по профит се нарушува приватноста на граѓаните, се сквернави домот, интимата. Се опишуваат детали од убиства и самоубиства, грабнувања и киднапирања, сензационалистички се пишува за швалерки, сопруги, неверства, се растураат бракови, како да станува збор за виртуелна реалност, а не за вистински живот.

Политички партии, од власта и од опозицијата, поддржуваат и финансираат информативни портали и онлајн медиуми кои зад божемните вести штанцаат партиски диатриби кои фрлаат анатема врз политичкиот противник, жигосуваат и оцрнуваат. Во памфлетите што се лиферуваат не само што нема втора страна, најчесто нема ни прва. Отпадници од безбедносните служби и партиско-штапски „пацови“ пласираат сомнителни разузнавачки полу-документи на порталите за кои нивните газди дебело наплаќаат, за да ѝ ја соопштат „вистината“ на публиката, гладна за сензационализми.

Реномирани бизниси, за да ѝ се додворат на власта, масовно се рекламираат на опскурните веб-сајтови што шират дезинформации, правдајќи се дека тие биле многу читани, а нивните реклами преку кои им продаваат штогоде на граѓаните, добивале голем број кликови!? Фејсбук, Твитер, Инстаграм, но и њуз-порталите се третираат како бордели и зачадени маалски кафеани од приградските населби каде што друмски разбојници сеат омраза, им плукаат в лице на замислените политички противници, бришат под со јавните личности, со секој што ќе им застане на патот. Попусто клеветата и навредата, говорот на омраза, се казниви според законот. Нема суд, ниту правда што може да се избори со цунамито.

БАЛКАНСКА МРЕЖА НА МЕДИУМИ ОД ДОВЕРБА

Долго време Здружението на новинарите на Македонија застапуваше став дека новинарството на интернет мора да биде слободно и нерегулирано. Причината за тоа беа практиките на минатиот режим, кој ги силуваше сите мејнстрим медиуми, па единствената слободна зона за поинакво политичко мислење и за сериозна критика на власта беше онлајн. Но тоа не само што не му помогна на професионалното и етичкото новинарство, туку создаде мали монструми во медиумската џунгла.

Денес повеќе од било кога се наметнува потребата од повторување на основните новинарски лекции, но и од акција на професионалните и етичките новинари и медиуми кои мора да преземат нешто против лажните вести, лажните новинари и лажните медиуми. На крајот на март во Белград се одржа регионална конференција на меѓународната Мрежа за етичко новинарство (Ethical Journalism Network) за Градење доверба во медиумите на Западен Балкан и Турција (Building Trust in Media in the Western Balkans and Turkey). Уредниците и новинарите од повеќе медиуми од земјите од регионот, се договорија да создадат Балканска мрежа на медиуми од доверба (Balkan Network for Trusted Media), поддржувајќи ја визијата за иднината на новинарството и медиумите на Балканот кои етиката, доброто управување и саморегулацијата ги ставаат во срцето на стратегиите за поддршка на самоодржлива иднина на новинарството во јавен интерес.

Поедноставно кажано, поврзувајќи се во сопствена мрежа, медиумите од регионот кои ги почитуваат професионалните стандарди и етичкото новинарство со сопствен пример ќе демонстрираат дека новинарската професија може да се работи одговорно и отчетно, зашто сите имаат заедничка цел – граѓаните да добиваат навремени и точни информации за да можат да бидат активни чинители во демократското граѓанско општество. Визијата е за извесно време етичките и професионални медиуми од регионот да создадат сопствен бренд „Trusted Media“ (Медиум од доверба, или медиум на кој му се верува), чие лого ќе може да го користат во главата на медиумот на интернет, во дигитална или во пишувана форма.

Но многу поважно е на тој начин да се упати порака до граѓаните, до читателите, гледачите и до медиумската публика, дека програмата што ја следат, вестите и информациите што ги добиваат, се проверени, точни и вистинити, а сите други медиуми треба да се трудат да ги почитуваат професионалните и етичките стандарди.

САМОРЕГУЛАЦИЈА НА ОНЛАЈН МЕДИУМИТЕ

На локално ниво, во Македонија, исто така во најава е иницијатива на онлајн медиумите да направат чекор кон саморегулација заради почитување на стандардите на новинарската професија. Секој онлајн медиум кој објавува импресум, контакт адреса и телефони и податоци за сопственичката структура ќе може да биде член на организацијата на онлајн медиумите. Медиумите членки ќе можат да бидат исклучени од организацијата поради континуирано кршење на новинарската етика и професионалните стандарди. Секој онлајн медиум на својата насловна страница (homepage), ќе го истакнува логото на Советот за етика во медиумите на Македонија(СЕММ).

Во соработка со стопанските комори, само членките на СЕММ ќе може да добиваат реклами од бизнисите во приватниот сектор. На тој начин, сметаат во Здружението на новинарите на Македонија, ќе се воспостават правила на игра, кои на медиумскиот пазар ќе ги разликуваат професионалните новинари и медиуми од оние на кои новинарството им служи за други цели.

Се разбира, тоа не значи дека од медиумската сцена веднаш ќе исчезнат лажните вести или дека партиските штабови ќе престанат да шират политичка пропаганда криејќи се зад новинарството. Пропагандисти, манипуланти и  и натаму ќе има, сѐ додека има и публика за нив. Долг е процесот за едукација на граѓаните за демократија, за слободни и одговорни медиуми. Особено кога и новинарите одвреме-навреме сакаат да се валкаат во калта, а не би сакал да се согласам дека тоа им е во природата, како што му е на Прасенцето Пепа.


Текстот е објавен на веб страницата СтопДезинформации.мк која е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, кој го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Институтот за комуникациски студииСамостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон.

Поврзани новости