Што чека Иванов?!

by fokus

Два дена откако лидерот на СДСМ Зоран Заев достави 67 потписи за добивање на мандат за состав на влада, од канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов нема реакција.  Од таму нема информации дали и кога Иванов ќе му го врачи мандатот на Заев за состав на влада.

Во меѓувреме, и Европската комисија и Американсата амбасада го повикаа претседателот, што поскоро да го додели мандатот на партијата која има мнозинство во парламентот. Од СДСМ се оптимисти и велат дека очекуваат брз и мирен трансфер на власта.

Претходно пак, откако Никола Груевски не успеа да состави влада, претседателот му постави услов на Заев, прво да докаже дека има мнозинство во парламентот, за потоа да добие мандат за состав на влада. Меѓутоа, освен тоа, претседателот го услови следниот мандатар, покрај доказ за мнозинство, да даде гаранции за зачувување на унитарноста на државата. Кој ќе има овластување да оцени дали унитарноста на државата би била загрозена и според кои критериуми ќе го направи тоа, Иванов не знаеше да каже.

Сега, повикувајќи се на „унитарноста на државата” веќе два дена има протести пред Собранието на Македонија, каде демонстрантите го повикуваат претседателот да не му го дава мандатот на Зоран Заев. Нивното главно барање е отфрлање на заедничката платформа на Албанците.

Протестите следуваат откако Никола Груевски преку проглас ги повика членовите на партијата да „излезат и да ги бранат националните интереси”. Платформата на Албанците пак, против која сега протестираат, е формирана уште пред два месеци и таа беше главен ултиматум и на преговарачката маса меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, но тогаш немаше реакции за истата.  Дополнително, од ДУИ велат дека нивното барање за двојазичност било прифатено од Груевски, но преговорите пропаднале поради различни ставови околу реформите во судството.

Демонстрантите кои сега протестираат за како што велат, „чиста Македонија”, тврдат дека не се партиски мотивирани. Сепак, на вчерашниот протест беа уловени од новинарските екипи како се потпишуваат со име и презиме на листи за присуство пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ во близина на Владата.

Ирена Каревска

Поврзани новости