Штитејќи ја Портата го изгубивме вистинското културно наследство

by Фокус

Актерката Сања Арсовска вели дека не може да ги сфати луѓето кои што деновие многу бурно реагирале поради мавањето со јајца врз Триумфалната капија и уништувањето на нејзината фасада, бидејќи според неа, Порта Македонија е објект кој што е на некој начин неосновано прогласено културно наследство, додека вистинското национално наследство веќе со години наназад се распаѓа и никој не превзема ништо за негова заштита.

sanja arsovska2,,Јас сум атеист и голем вљубеник во културното наследство. Сум ги посетила речиси сите манастири и цркви во земјава кои што датираат од многу одамна, и тврдам дека народот треба повеќе да се загрижи околу нивната запуштеност отколку да се прават спектакли околу испишаниот графит ,,Грабеж,, и јајцата кои што завршија на фасадата на Триумфалната капија. Како што гледам, капијата веќе се чисти, но што се случува со нашето вистинско културно богатство, на пример со манастирот Свети Ѓорѓи во Курбиново, Преспа, оваа манастирска црква веќе десеттина години се распаѓа и жална е сликата која што може да се види таму. Фрескоживописите во Свети Ѓорѓи потекнуваат од 12 век, а Министерството за култура сеуште нема превземено ниту еден чекор за нивна заштита. Црквата е изградена во 1191 година и фреските се едни од најубавите и најоригиналните од тој период. Ќе ја спомнам и конзервацијата на фрескописот на Света Богородица Перивлепта која што се врши со американски пари, додека кај нас дел од народот воспева скапи пластични играчки без естетска амбиција и уметничка вредност,, – вели актерката, додавајќи дека нашите конзерватори и реставратори кои што лично ги познава, работат со голема посветеност во своите лаборатории, без соодветна здравствена заштита, во импровизирани услови, секојдневно во допир со штетни материи, за ниски плати.

,,Кога работат тие луѓе, кон иконите стари 500 години се однесуваат како кон штотуку родено бебе. Јас знам дека портата ќе биде исчистена уште денес, но сигурно дека нема да дојдат стручни лица да ја санираат штетата со третман кој што го заслужува едно културно богатство, туку ќе дојде средовечен чичко со канта бела боја и четка и ќе ја префарба фасадата. Зошто е тоа така? Бидејќи тука завршува нечие поимање за култура и уметност,, – раскажа Арсовска која што веќе три години работи во Драмски театар. Зад себе има над 20 улоги, а позната е и како Лина од детската серија ,,Пет плус,,. Моментално на репертоарот на Драмски е актуелна со претставите ,,Огнени јазици,, на Унковски и ,,Безљубни,, на Славенски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости