Штипскиот хуманитарец Александар дал оставка од работното место, ќе отвора хуманитарна организација

by Fokus

Александар Горгиевски од Штип, поранешен пожарникар кој лани се врати во родниот град од Швајцарија, и за кратко време стана познат по своите хуманитарни акции, најави отворање на хуманитарна организација. Како што информира, седиштето на организацијата ќе биде во Штип, а се решил на тој чекор откако голем број на граѓани му се јавиле и го поттикнале да продолжи со хуманитарната работа, по низата на успешни акции.

-Ги информирав моите шефови дека од први април комплетно се посветувам на мојата хуманитарна организација, која ќе биде пример како се работи во интерес на сиромашниот македонски народ, со дела, а не со празни зборови. Си дадов оставка од моето работно место во компанија за обезбедување, и мислам дека со овој чекор ќе бидам многу покорисен за моето општество – информира Горгиевски, кој деновиве за само седум часа успеа да ја заврши акцијата за помош на самохран татко од Штип, кому му беше среден и опремен домот, доби храна, облека, мебел и бела техника, и од денес неговото дете оди во градинка, а тој започна со работа.

-Имам многу пријатели и овде, а и по светот, имам позади себе многу фирми, бизнисмени, мајстори со кои соработувам и заедно помагаме на многу луѓе, секогаш успешно. Морам да потенцирам дека силата ја црпам од моите сограѓани штипјани, од македонскиот народ кој секогаш реагира, кога и да сум почнал некаде хуманитарно да работам. Се надевам со сите вас мојата соработка ќе продолжи и во иднина, со дела сум покажал дека ако се сака, се можи се. Според тоа како функционирам, луѓето донираат и реагираат каде и да се појавам, никогаш народ не лажам, ако можам да помогнам ќе кажам, ако не, секогаш сум искрен и тоа ме прави среќен. Досега не сум разочарал ниту еден мој сограѓанин и на тоа сум горд – порача штипјанецот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости