Штипјани се сплотија за помош на Валерија: Да му пружиме рака на ова девојченце!

by Fokus

Хумани граѓани од Штип наредниве денови организираат хуманитарни настани, за помош на нивната мала сограѓанка Валерија Зафировска, која треба да се оперира од тумор на мозокот на клиника во Турција, а за интервенцијата се потребни 40.000 евра.
Хуманитарните настани ќе започнат вечерва, а ќе се случуваат и во среда, четврток, сабота и недела на повеќе локации во градот.

Во Безистенот во Штип вечерва ќе се одржи концерт со почеток од 19 часот, а исто така и во Дом на млади во 20.30 часот ќе следи уште еден концерт, на кој ќе настапат музичарите Зоран Илиев, Само Тони и две жени, Трајче Ефремов, Илија Кикиритков, Роберто Поп Димитров, Ивица Јорданов, Морал, Филип Стефановски бенд и други.

Во среда, Млади при Црвен Крст организираат настан – Донираме едно кафе од 11.30 до 14 часот, а во вечерните часови во локалот Даблин ќе се одржи и студентска забава.

Во четврток свои настапи во повеќе локали ќе имаат музичарите Зоран Илиев, Илија Кикиритков, Хотлајн, Д Докторс и други. Истата вечер во галеријата Безистен ќе се одржи концерт со класична музика.

Во сабота ќе се одржи акцијата Врата на врата со граѓани, во организација на волонтери и Црвен Крст, а во недела во Дом на култура Ацо Шопов со почеток од 19 часот ќе се одржи уште еден концерт, на кој ќе настапат Ѓоко Ѓорчев, Зоран Илиев, Рандом парк, Блу бенд, Панче Касапски и Филип Стефановски бенд. Влезниците се продаваат по цена од 100 денари.

Поп пејачот Зоран Илиев, кој е роден штипјанец и познат како годинешниот победник на фестивалот на забавни мелодии Макфест, се јавува како организатор на повеќето настани. Покрај него, организатори и иницијатори на хуманите случувања се и активисти од Црвен крст, волонтери, млади музичари, здружението Цивитас со поддршка од Телекабел.

,,Валерија ја заслужува нашата помош во овие тешки моменти. Без и малку двоумење се решив да организирам неколку хуманитарни акции, драго ми е што и голем број на мои сограѓани веднаш се вклучија. Ова седумгодишно девојченце заслужува да му пружиме рака, штипјани, а и цела Македонија секогаш помагала во вакви случаеви, и со верба дека се ќе биде во ред, од се срце ќе пееме јас и моите колеги’’ – ни изјави Илиев. Тој и од минатото е познат како голем хуманитарец кој често настапува на хуманитарни концерти, а неретко и донира за лекување на деца.

Граѓаните кои сакаат да се вклучат во акцијата за помош, можат да донираат на жиро сметката 300081000001938
Комерцијална банка АД Скопје
Дознака: Валерија Зафировска –хуманитарна сметка

В.К.

Поврзани новости