Штипјанецот кој замина да помага во Хрватска е човекот кој и помогна на болната професорка која со месеци боса луташе низ градот

by fokus

Штипјанецот Александар Георгиевски кој вчера упати апел до градоначалникот д-р Сашко Николов и до општината, да испрати доброволци во Хрватска, кои ќе помогнат при санирањето на штетите од земјотресот, рано утринава веќе пристигна во Загреб.

За ,,Фокус” потврди дека се наоѓа на автобуската станица во Загреб, по што ќе се упати кон критичните места, каде е најпотребна помошта од доброволците.

Поради проблеми со интернетот, не успеавме да добиеме одговор на прашањето дали со него има и други доброволци од Штип или пак од други градови од земјава.

Инаку, за Георгиевски кој е голем хуманист ,,Фокус” пишуваше и кон крајот на април, годинава. Тој е човекот кој и понуди помош на 87-годишната пензионирана професорка од градот, која била болна и препуштена на себе, и талкала боса низ улиците.

Тогаш штипјанецот ја однесе на лекар професорката, каде и беа санирани раните, и беше дадена соодветна терапија, а исто така со недели потоа го чистеше и реновираше нејзиниот стан, заедно со уште неколку доброволци од Штип.

Од преполниот со ѓубре и руиниран стан, за кратко време тој направи удобно место за живеење, а бидејќи жената одбивала да биде сместена во дом за нега на стари лица, Георгиевски стапил во контакт со нејзини роднини од Скопје, кои ја презедоа грижата за неа.

-Јас цели десет години работев како пожарникар во Штип, а потоа се преселив во Швајцарија. Сега повторно се вратив назад, и случајно ја забележав жената со рани на нозете на улица. Не можев, а да не реагирам, не можам да гледам како некому му треба помош без да помогнам – ни раскажа тој во април, кога беше актуелен случајот со професорката.

Вчера пак, пред да замине во Хрватска, потсети на земјотресот во Скопје во 1963 година, кога целиот свет се обедини и ни пружи помош.

-Да бидеме хумани да се упатиме кон Хрватска и да помагаме на луѓето кои сега се борат со тие рушевини, рамо до рамо да им помогнеме да ги пребродат овие тешки мигови. Јас сум спремен да тргнам уште вечерва, ако има заинтересирани кои имаат возила со зелен картон тргаме веднаш –порача штипјанецот вчера, набргу по веста за земјотресот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости