Штедните влогови на граѓаните и фирмите се сигурни, тврдат банкарите

by Фокус

Откако во јавноста почна да се шпекулира дека граѓаните масовно ги подигаат своите штедни влогови и ги менуваат денарите во евра, реагираа банкарите кои убедуваат дека нема потреба од паника, бидејќи нивните пари во банките се сигурни.

„Штедните влогови што граѓаните ги имаат во банките им се сигурни и стабилни. Банките имаат вишок ликвидни средства и се подготвени да ги сервисираат сите потреби на граѓаните “- изјави денеска претседателот на Здружението на банкарство при Стопанска комора, Коста Митровски.

Тој истакна дека нема потреба граѓаните да бидат вознемирени од одредени шпекулации кои, како што рече, се без никаква основа, бидејќи девизните резерви изнесуваат 2 милијарди евра.

Митровски не очекува девалвација на денарот, а според него зголемена побарувачка на евра во зиминатите неколку дена се должи на претстојните празници и големиот број граѓани кои ќе патуваат во странство.

Од друга страна пак, Finance Think укажува дека подгревањето на шпекулациите за девалвација, сепак може да има штетни ефекти врз економијата и во услови кога девалвација нема.

Интервенцијата на централната банка на девизниот пазар првенствено ќе влијае врз пораст на референтната каматна стапка на благајничките записи, која потоа може да поттикне пораст на останатите каматни стапки во банкарскиот систем (како што се каматите на кредитите со варијабилна каматна стапка).

Од организацијата апелираат до НБРМ јасно и недвосмислено да ја нагласи намерата дека ќе го брани курсот на денарот од девалвација, преку понудување на неопходната количина девизи на пазарот.

Поврзани новости