Шкријељ: Граѓаните да бидат спокојни, политиката не смее да ја загрози исплатата на социјалните трансфери

by Fokus

Исплатата на социјалната помош како и другите социјални трансфери ќе се одвива редовно. Граѓаните треба да бидат спокојни, како и во изминатиот две и пол годишен период, и овој и наредните месеци ќе ја добиваат регуларно својата месечна помош. Ваква порака упати дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ во емисијата „Економски магазин“ на „Алсат-М“ телевизија.

-Граѓаните  не треба да се плашат. Овие позициите на техничка и дополнителна  заменска министерка постојат  заради организација на избори за пратеници во Собрание и за да осигураме дека сите тековни процеси и сё она што значи испорака на услуги и права кон граѓаните, ќе се одвива непречено и не смее да запре. Јас и мојот тим ќе работиме на тоа, и сакам да го упатам како јасна порака до сите граѓани да не се грижат: се она што значи испорака на трансфери и права кон нив, ќе си оди според редовниот календар за исплата на министерството, нагласи Шкријељ.

Ако се навратиме две и пол години наназад, социјалните трансфери беа исплаќани со два месеци задоцнување, објасни Шкријељ, додавајќи дека оваа Влада и Министерството за труд и социјална политика тоа го коригираа.

-Овој месец исплатата беше на 3 јануари за декемвриските трансфери. Според календарот, исплатата треба да се случи на 7 февруари, најдоцна. Од моја страна, заедно со центрите за социјална работа, работиме на тоа да се испорачаат овие права согласно месечниот календар и токму затоа цело време повикуваме на конструктивност и соработка, во интерес на граѓаните, за да се случи исплатата, рече Шкријељ.

Според дополнителната заменик министерка Шкријељ, и покрај несогласувањата меѓу неа и техничката министерка поставена од опозицијата, приоритет е интересот на граѓаните и воопшто не се размислува за можност заради некакви други калкулации, да се случи одложување на исплатата на трансферите. Застој во исплата на права и испорака на услуги не смее да има.

Поврзани новости