Шкариќ: Уставниот рок за доделување мандат тече од 27 април

by fokus

Уставниот рок за доделување мандат, тече од денот на конституирање на новото Собрание. Доколку претседателот на државата не го додели мандатот во тој рок, на потег е парламентарното мнозинство, кое има обврска, непосредно да го примени Уставот, вели д-р Светомир Шкариќ, експерт за Уставно право, во разговорот за ЦИВИЛ МЕДИА.

Тој ја анализира актуелната состојба во државата пред клучниот чекор, формирање идна влада, а по конституирање на новото Собрание.

„Уставниот рок е 10 дена од конституирање на Собранието, а моментот е изборот на претседателот. Тоа е строго толкување на Уставот, рокот тече токму од конституирањето на Собранието, што значи, од 27 април. Денот на објавување на Одлуката во ‘Службен весник’, не го условува уставниот рок, туку моментот на конституирање на парламентот. Ниту објавувањето на Одлуката, ниту дописот што се испраќа до претседателот! Клучен момент е денот на изборот на претседател на Собранието, со што се заокружува конституирањето на новиот парламент. Така што, Иванов има можност веднаш да го додели мандатот, да не чека 10 дена! Прво е конституирањето на Собранието, второ е одлуката за избор на претседател, што значи да се официјализира со објавување во „Службен весник“, но тоа нема правно дејство врз рокот за давање мандати. И трето, известувањето на претседателот на Собранието дека е формирано парламентарно мнозинство, со што му овозможува на претседателот на државата, да го даде мандатот и без да чека да истече рокот од 10 дена. Ова посебно е значајно, во услови кога многу прашања чекаат за разрешување од Собранието, како што се локалните избори“, вели Шкариќ.

Поврзани новости