Шкариќ до Иванов: Го уриваш уставното уредување на Македонија!

by Фокус 12:55
12:55

Овојпат ти се обраќам со зборовите на Цицерон упатени на  Катилина во римскиот Сенат, кога последниот правеше ,,заговор“ против Римската република: „Па, до кога така, па до кога така ќе го злоупотребуваш моето трпение, о, Катилина“?

Како Цицерон, и јас сум вознемирен по твојот разговор со новинарот Јанко Илковски на Сител 3 во емисијата „Јади бурек“ од 27 март 2014 година, кога тврдеше дека кинескиот претседател ја имал „мојата книга во која има делови за Конфучие, за Лао Це, за таоизмот и за будизмот“. Коректно е јавноста да знае дека не станува збор само за твоја, туку за заедничка книга „Политички теории – антика“ објавена во 2006, а потоа преиздадена во 2010 година. И самиот знаеш дека коавторството во таа книга се движи во сооднос не помал 95-5 во полза на постариот автор.

А кога зборуваш за посочените делови од книгата, во нив нема ниту еден твој збор зашто никогаш не си ја проучувал кинеската политичка мисла. Не е чесно што го игнорираш името на главниот автор кој ти бил професор и ментор и кој ти ги пишувал рецензиите за твоето напредување во академската кариера од асистент до вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. И самиот знаеш дека такви примери на игнорирање се ретки во универзитетска средина и дека на нив се гледа со презир и со револт.

- Advertising -

Но, откако стапи на претседателскиот трон, молчешкум се откажа од реченото. Советничкиот тим никогаш не си го викнал да поразговараш за прашања од твојата надлежност. Мене ме одбра за советник за уставни прашања, но никогаш не ме праша за одреден  закон дали е уставен. Ми додели кабинет во претседателската палата,  во мир да ги пишувам нашите заеднички книги, но не и да разговараш со мене за проблемите на уставното уредување во земјата:

„Професоре, одберете си кабинет што ви одговара. Овде ќе имате мир за пишување. Ќе ве чува мојата гарда“!

Не презеде ништо ни за заштитата на автономијата на универзитетот, иако таму ги стекна сите академски звања, од асистент до редовен професор. Поради тоа расте и незадоволството на Правниот факултет „Јустинијан Први“ кон тебе, кога е во прашање твојот однос кон високото образование и неговата иднина.

Забележувам дека со омраза зборуваш и за квалитетот на високото образование од времето кога ти си студирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веројатно поради тоа што правните студии си ги завршил со седумка. А по изборот за претседател си станал академик од европско и од светско значење, си се вивнал до „врвовите на Харвард“ и си станал „почесен професор“ на Ломоносов.

Те поканувам да дојдеш на претставувањето на тоа дело што ќе се одржи на 12 април 2014 година во 15 часот на Саемот на книгата во Скопје. Ќе го чуеш мојот глас изворно за претседателското вето на сите четири претседатели на РМ. Ќе стане збор и за твојот однос кон медиумските слободи, за автономијата на високото образование, како  и за твојата улога во настаните од 24 декември и формирањето на ад хок комисијата за утврдување на уставноста на тие настани.

По прочитувањето на оваа книга ќе видиш зошто не ти ја дадов поддршката за вториот претседателски мандат и зошто би застанал со задоволство зад барањето за твој импичмент, ако тоа го побараат две третини од пратениците од новото избрано Собрание на Република Македонија или 150.000 граѓани. Услови потешки за твој отповик од оние за Шарл де Гол или за Барак Обама!

Без да размислиш ја прифаќаш тезата дека е добро што „работиш тимски“, дека е полезно за земјата што си „дел од тимот, составен од  пратениците, премиерот, министрите и локалната власт“. Не сакаш да видиш дека тоа е фузија на различни власти, својствена на собранискиот систем од времето на социјализмот. Со таква теза го уриваш уставното уредување на земјата, засновано врз начелото на поделба на власта, како да правиш „заговор“ против Уставот.

Не те трогна ни случајот ,,Кежаровски“, иако тој случај доби меѓународна димензија. Човекот е во затвор затоа што во вршењето на професијата се држел за медиумските слободи гарантирани со Уставот!

Забележувам дека со омраза зборуваш и за квалитетот на високото образование од времето кога ти си студирал на Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Веројатно поради тоа што правните студии си ги завршил со седумка.

Радикално го променив мислењето за тебе како човек, во негативна смисла. Особено по настаните од 24 декември бидејќи и ти имаш одредена заслуга за насилството што се случи. Најмногу поради тоа одбив да те поддржам за втор претседателски мандат кога тоа беше побарано од мене на 18 декември 2013 година.

            

Целото писмо од професорот Шкариќ до Иванов можете да го прочитате во најновиот број на „Фокус“

Поврзани новости