Шише, шише, нема више!

by lali 09:56
09:56

При  разговор со една пријателка и еден пријател за актуелната состојба во земјата, на сите тројца ни беше срам и воедно ни падна жал дека бевме на работ да констатираме дека тука нема ништо и ништо нема тука, т.е. дека и тоа ништото го нема. Секако дека една таква констатација е, сепак, невистинита за земја со толку убави места и толку добри луѓе, но, ете, лошите работи, како сиромаштијата, неправдата и насилството знаат да влијаат и врз отврднување на констатациите.

РАПОРТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТ КАКО ТРАНСПАРЕНТ

При тој разговор јас се фатив себеси како во себе промрморувам еден стих од еден турски поет, Исмет Озел, иако не е курентно да се спомне ниеден Турчин, освен Ердоган, кој, ете, по деветти пат за дванаесет години извојува победа на избори во Турција:

- Advertising -

Далеку што е? За мене, кој на далечниот крај на себеси живее. Таму каде што одам, колку далеку може да биде?“

Така и се случи ова прашање од стихот да го преведам со „што е скандал за крајно скандалозна земја, тоа што би требало да се направи колкав скандал може да биде?“

И тоа сѐ поради фактот дека основното во отврднувањето на констатациите за немањето ништо е дека во јавноста во Македонија има недостатоци во три нивоа: забележување, толкување и акција.

Само со недостиг од забележување може да ни се случи најглавните шеми, според кои се владее во државава, да ни бидат обелоденети само во рапорти на Стејт департментот. Така, минатата година ни беше укажано на изедначувањето на партијата со државата, а оваа година на шемата според која ИВЗ и власта глумат непријателство, а всушност се заедно за визите за аџилак.

РАСТЕ БУЏЕТОТ, РАСТЕ ЕЗИЕТОТ

Само со недостиг од способност за толкување може да се случи ниедна опозициска партија да не ја види корелацијата меѓу сѐ повисокиот и понетранспарентен буџет на МВР, и тоа секоја година, и напредувањето надолу во светската листа на небезбедни земји. Оваа година станавме и балкански шампион во небезбедност и никако некој да види дека тоа е, всушност, заслуга на МВР. Како расте МВР, така расте и небезбедноста. Затоа што нема некој друг поголем момент, освен буџетот на МВР, кој би го објаснил ваквиот, за десетици места, пад на оваа листа последниве години.

Секако дека недостигот од подвлекување со забележување и толкување постои и во секојдневните човечки маки. Како што се последните случувања и прашањето: како тоа за пат од Скопје до Велес или до Тетово во Македонија стана поевтино горивото отколку патарините? Така е, зашто, според некои пресметки, со плин до Велес се стигнува за 170 денари, а само патарините сега се 240 денари?!

Или, како никој на големо не се противи зошто надополнувањето на законот за нега за корисници на туѓа нега влезе во брза постапка само еден ден пред распуштањето на Собранието за августовските одмори? Е, па, изгледа одговорот е само тоа: расте буџетот, расте езиетот (стар збор, турцизам за маки, страдање и угнетување).

ШИШЕ ВО ШВЕДСКА

И само со недостиг од способност за акција може да се случи никој, ниту една женска организација или организација за човекови права, да не му објасни на весникот од шише дека Шведска и Македонија се разликуваат и во дефинициите за силување и домашно насилство. Или да им укаже дека, кога решиле да прават споредба со насловна, зошто тоа не го направија за многу слични ужаси кои малку поригорозно се дефинирани во шведското законодавство. Ете, уште утредента имаше една статистика за домашното насилство, која, за чудо, не беше објавена на насловна?!

Далеку е Шведска и сигурно помалку релевантна за нас, но треба да признаеме дека има разлика. На пример, таму да имаше некој таков дневен весник, кој како од шише вади секој ден наменска насловна, сигурно и тоа ќе беше заведено како медиумско силување и контаминација на јавноста.

Поврзани новости