Широка коалиција за спас или за колапс на Македонија?

by lali 13:23
13:23

Има еден виц на кој ме потсетуваат тезите за широка коалиција. Имено, на опозициски предизборен митинг, еден од кандидатите за извршната власт вели: „Оваа катастрофална власт ја донесе државата на работ од провалија, на самата ивица од бездна. Затоа гласајте за нас, ние ви ветуваме дека заедно ќе направиме голем исчекор нанапред!“

“Потребна е широка коалиција, Македонија е пред колапс” –  е нешто што веќе почнува да се вергла гласно. Сепак, не доволно јасно. Точно, Македонија е пред колапс. Финансиски, економски, безбедносен, институционален, јавно здравство, образованието и што уште не. Со еден збор: Цела држава е пред колапс!

- Advertisements -

Дали е некој изненаден? Не, никој нормален не е изненаден. Сите знаевме каде не’ води оваа режимска власт, предводена од Груевски и фамилијата, во тесна соработка со бандата на Ахмети. Тоа што не е доволно јасно е каква ќе биде и како ќе функционира таа широка коалиција?

Во 2008 година се насетуваше во која насока почнаа да не’ возат популистите. Во 2011-та веќе стана јасно што ни спремаат криминалците. На 24 декември 2012-та киднаперите ја фатија кривината која води во провалија, а во 2013-та додека терористите не’ возеа веќе можевме да ја видиме провалијата. Во 2014-та ја вртевме главата, мислевме дека ако не гледаме во бездната дека не се движиме кон неа. Дури во 2015-та почнавме да врескаме. Еве нѐ во 2016-та пред провалија.

Сега као треба сите ние и опозицијата, да седнеме со овие криминалци кои не’ киднапираа, кои цели 10 години нѐ малтретираат, речиси се што имавме ни опљачкаа,  да преговараме и да се договориме, за да не сме паднеле во провалија. Во ваква позиција логичен договор би бил они да закочат пред самата провалија, да се симнат од автобусот “Македонија”, да земат се што можат да натоварат од тоа што ни украле и мирно, среќни и весели да си заминат.

Така, ние би останале живи, без пари во нас, но среќни дека сме преживеале. Автобусот повторно би бил во наше владение. Ќе треба да избереме нов шофер за да не’ врати на вистинскиот пат, таму некаде пред кривината на 24.12. 2012-та. Единствен проблем е што автобусот веројатно е без бензин, а ние без пари, изгледа дека ќе мора да буткаме. “Ама и тоа е подобро отколку да паднеме во провалија”,  ќе кажат оние кои го нудат ова решение. Но, дали после се имаме сила да буткаме автобус?

Да нема забуна, не сум јас против широки коалиции и експертски влади. Напротив, сметам дека се потребни сите општествени потенцијали да се стават на располагање, за да се вратиме што побрзо во нормала. Сакам во брза постапка да се устрои државата, да има владеење на право, нормални услови за бизнис, да се почитуваат човековите права,  да има нормални медиуми, да се најде решение за спорот со името, брзо да влеземе во НАТО, да забрзаме кон ЕУ и така да добиеме функционална држава.  Кој тоа не би го посакал?

Сепак, за сето тоа е потребен бензин во автобусот. Автобус со бензин не можеш да наполниш ако нема доволно пари. Пари доволно нема да има ако криминалците кои не’ киднапираа си заминат со нашите пари. И така изгледа дека ние сме пред дупло голо, а криминалците пред win-win ситуација. Зарем после се не треба да е обратно? Нешто не штима во борбава?

Затоа е убаво, кога се зборува за широка коалиција, а за да ни биде појасно, на нас – патниците во автобусот “Македонија” да ни се дадат неколку одговори на следниве прашања:

1) Ќе има ли фер и демократски избори (со се што тоа значи) пред широката коалиција? Кога би се одржале?

2) Дали Груевски и фамилијата после ќе бидат кандидати на некои идни избори?

3) Дали Груевски и фамилијата ќе бидат дел од широката коалиција или тоа ќе биде некое ново ДПМНЕ?

4) Дали широката коалиција ќе значи амнестија на историскиот досега невидениот криминал, направен од врхушката на ДПМНЕ и бандитите на ДУИ?

5) Дали широката коалиција, која ќе треба да ја нормализира државата,  ќе спроведува конфискација?

Знаете зошто се важни одговорите на овие прашања? Тие не се важни поради тоа што СДСМ и опозицијата во оваа форма на една таква широка коалиција би изгубиле многу, дури по неа можеби би станале маргинални на политичката сцена, како што е ПАСОК денес во Грција. Одговорите на овие прашања се важни поради друго: во зависност од одговорите може да се сменат улогите во автобусот “Македонија”,  да дојде до пресврт на позициите во автобусот. Може да се случи патниците да бидат тие кои ќе стиснат на педалата за гас и киднаперите да бидат тие кои ќе молат да се закочи,  да нудат за возврат се што имаат.

Јас,  драги мои, би играл така. Не би дозволил киднаперите после се што ни направија да си заминат среќни и весели со пленот, дури тоа да значи дека ќе завршиме сите заедно во провалија. А би било демократски за тоа да бидат прашани и другите киднапирани патници во автобусот, зарем не?!

 

Поврзани новости