Шиповиќ воздржан, нови дилеми за ДУП-овите

Жерновски пред десетина дена стави вето на одлуката за донесувањето на двата спорни ДУП-ови во кои меѓудругото се предвидува и десеткатница на Водно.

На денешната седница се гласаше дали ветото да остане на сила. Сите 11 советници од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против ветото на Жерновски, 11 советници од коалицијата на СДСМ гласаа ветото да остане на сила, додека Шиповиќ беше воздржан.

Шиповиќ изјави дека со денешната одлука, се потврдува одлуката дека ДУП-овите се валидни и донесени законски.

Градоначалникот, пак, стои на ставот дека не може со ист број гласови „за“ и „против“ да се донесе заклучок.

„Со ова се влегува во правен вакум и јас ова ќе го обжалам пред Уставниот суд. Сценариото не ви е добро“, рече Жерновски.

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски и опозициските советници се повикуваат на Законот за локална самоуправа и велат дека според него за да се донесе детален урбанистички план, потребно е апсолутно мнозинство.

Пред две недели, откако советниците на СДСМ и на коалицијата ја напуштија седницата плановите беа донесени со просто, а не со апсолутно мнозинство. Шиповиќ гласаше против, меѓутоа со гласањето го овозможи кворумот за просто мнозинство, кое според ВМРО-ДПМНЕ е доволно во овој случај.

Поврзани новости