Шилегов: Заедно со градоначалниците ќе го исчистиме Скопје

by Fokus

Расчистување на дивите депонии, метење и миење на сите градски и општински улици, кастрење гранки и косење трева, пополнување ударни дупки и засилени инспекциски контроли – овие активности ќе ги опфати големата акција за чистење и уредување на јавните градски површини што ја најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

– Во оваа акција ќе се вклучат сите технички и човечки потенцијали во јавните градски претпријатија, помогнати од градската администрација и општините. Ги повикувам сите граѓани кои се заинтересирани да живеат во почист и поубав град да се приклучат на оваа масовна акција – рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција, на која ја најави акцијата за расчистување.

Тој нагласи дека по оваа акција за чистење ќе следува засилен инспекциски надзор и од градот и од општините, со цел да се спречи повторното создавање диви депонии на истите места.

– Повикувам граѓаните да се придржуваат кон начинот и редот на фрлање на отпадот. Ние работиме на концепт кој во текот на август ќе го понудиме на граѓаните – на три до пет локации во точно определени денови во нивните општини, значи на повеќе од 50 локации во нашиот град, граѓаните ќе може слободно и бесплатно да го остават кабастиот отпад. Сите треба да внимаваме каде го фрламе отпадот за нашиот град да стане и почист и поубав – рече Шилегов.

На денешната прес-конференција присуствуваа и градоначалниците на повеќето скопски општини, како и директорите на скопските јавни претпријатија.

Општина Кисела Вода утре со Град Скопје ќе спроведе акција за средување на својата територија. Во активностите ќе бидат вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, невладини организации, сезонски работници и дел од администрацијата на Општина Кисела Вода.

– Ќе биде опфатено чистење на сметот на сите јавни површини, миење на улиците и тротоарите со цистерна, косење на нараснатите тревни површини, ќе се сечат исушените дрвја што претставуваат опасност за граѓаните, а ќе бидат исчистени и поголемите диви депонии, соопшти Општина Кисела Вода. 

На дел од улиците ќе се крпат ударни дупки. Граѓаните ќе имаат можност да го одложат својот кабаст отпад во поставените контејнери на улицата „Ратко Митровиќ“ кај спортската сала, во паркот „Пушкин“ и на крстосницата на улиците „Христо Татрчев“ и „Дебарска“, поточно кај „Гет кафе“.

Поврзани новости