Шилегов: Во четвртокот беше извршено терористичко загрозување на уставниот поредок

by fokus

СДСМ поседуваме сериозни докази коишто упатуваат на тоа дека во четвртокот во Собранието беше извршено кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, истакна денеска пратеникот Петре Шилегов.

Тој појаснува дека се работи за Член 313 од Кривичниот законик на Република Македонија кадешто пишува:

„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“.

Шилегов истакнува дека имаат фотографии, видео материјали и други докази кои ги откриваат лицата кои со и без маски извршија обид за убиство на пратеници во Собранието, коишто напаѓаа новинари и вработени во Собранието.

-Доказите ќе ги доставиме до надлежните институции. Во јавноста веќе има снимки, направени од медиумите, од пратениците и останатите присутни во Собранието на коишто јасно се гледаат дел од насилниците и делата. Укажуваме, Министерството за внатрешни работи и државното Јавно обвинителство, да не одолговлекуваат и да не бараат оправдувања на третиот ден по инцидентите, и веднаш да постапат, по службена должност, за утврдување на одговорноста, вели Шилегов.

Тој истакна дека и нарачателите и извршителите на насилството во Парламентот мора да се соочат со правдата.

-Освен домашната тоа го очекува и меѓународната јавност. Ќе посочам на денешната заедничка изјава на ЕУ, САД, ОБСЕ и НАТО кои упатија најостра осуда на организираниот напад во Парламентот, оценија дека властите не ги заштитија членовите на Парламентот и присутните новинари, дека нападот врз државна институција е напад врз самата демократија. И дека кривичните дела мора да бидат брзо истражени, а организаторите и извршителите да бидат изведени пред лицето на правдата!, истакна пратеникот.

Тој додаде и дека насилството поттикнато од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Велјаноски, Митко Чавков и група нивни соработници не смее и нема да ги спречи демократските процеси.

-По изборот на собраниски претседател, граѓаните ќе ја добијат и новата реформска Влада којашто ја избраа на 11 декември, истакна Шилегов.

Поврзани новости