Шилегов: Скопје не повеќе вмровски град

by Fokus

Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Петре Шилегов на вечерашниот централен митинг во Скопје ги повика сите заедно да го зададат последниот удар на режимот на бандата на Никола Груевски.

– Со пенкало да покажеме дека сакаме да добиеме промени. Скопје не е повеќе вмровски град. Скопје го враќаме на граѓаните. Нема партиски поделби, нема етнички поделби. Изминативе денови поминав многу скопски општини, сите ме пречекаа и испратија со истата порака, да се обединиме за на Скопје да му ја донесеме слободата. Цела деценија сме жртви на урбаното и коруптивното владеење на ДПМНЕ. Сечеа дрвја по полноќ како најголеми криминалци, менуваа урбанистички планови во три по полноќ. Груевски преку Коце Трајановски правеше буквално што сака со нашиот град – истакна Шилегов.

Тој додаде дека во 2018 година ќе ја започне гасификацијата.

– Скопје ќе биде отворен и услужен град. Вашите идеи ќе бидат моја обврска. Скопје е град на хуманитарноста. За време на мојот мандат ќе биде град што поврзува луѓе. Ќе ги поврземе Аеродром и Кисела Вода преку пруга. Скопје ќе стане вистински мултиетнички град. Нема веќе поделби. Неуморно ќе работиме за вас, да го вратиме Скопје на вистинскиот пат – тврди Шилегов.

Поврзани новости