Шилегов ја почна кампањата за градоначалник на Скопје, ветува подобар живот за скопјани

by fokus

Подобра патна инфраструктура, побезбедена чиста вода и чист воздух, повеќе пари за граѓаните за подобар и полесен живот, ветува кандидатот на СДСМ за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој ја отпочна својата изборна кампања со порака до граѓаните на Скопје дека не заслужуваат нивниот град да го води продолжена рака на Никола Груевски.

-Вие, Граѓаните на Град Скопје најмногу од сите ги чувствувавте последиците од осумгодишното расипничко, криминално владеење кое освен на централно, беше главна одлика на ВМРО-ДПМНЕ и на локално ниво. Додека голем дел од граѓаните на Скопје се уште немаат достојна патна инфраструктура, водоводна и канализациска мрежа, Коце Трајановски ги исполнуваше желбите на Никола Груевски и потроши милиони евра за мегакриминалниот проект Скопје 2014 – изјави Шилегов.

Додека скопјани, рече тој, секоја зима буквално се гушат од загадениот воздух, Груевски и Трајановски стихиски ги уништуваа дрворедите, парковите и сите зелени површини во градот.

-Град Скопје има итна потреба од нова градска власт која што системски ќе го реши проблемот со загадувањето, ќе изготви и изработи модерни ефикасни и еколошки решенија во јавниот превоз, ќе го зголеми процентот на зелени површини во градот и ќе овозможи алтернативни извори на енергија. На Скопје му треба градоначалник кој домаќински, одговорно и транспарентно ќе го троши буџетот исклучиво во интерес на граѓаните и тоа за нивни реални, потреби. Градоначалник, којшто вистински ќе се грижи за нивната сигурност и безбедност – изјави Шилегов.

 

 

 

Поврзани новости