Шекеринска за најавената интерпелација од ВМРО-ДПМНЕ: Тие немаат право да зборуваат за антифашистичката борба

by Fokus

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, коментирајќи ја најавената иницијатива од ВМРО-ДПМНЕ за гласање на доверба на владата, рече дека опозицијата има апсолутно право на таква иницијатива, но за неа тоа е веќе видено и порача дека оваа партија е можеби единствената која нема право да зборува за антифашистичката борба.

-Можеби единствените кои немаат право да говорат многу за нашата антифашистичка борба е токму партијата која изгради кариера зборувајќи и работејќи против антифашизмот. Тоа се истите луѓе кои уништуваа споменици на нашите херои, истите луѓе кои го избркаа Сојузот на борци на улица и истите луѓе кои се трудеа да фрлат идеолошка сенка на таа горда епизода на нашата историја. Се останато е дел од нормалната политичка дебата и како демократи ние тоа го прифаќаме, се подготвуваме и од тоа ќе излеземе како победници, рече Шекеринска.

Барањето за гласање доверба на Владата, ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го поднесе наредната недела односно во пресрет на истекувањето на 100 дена од формирањето, а веста ја соопштија по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС на што како опозиција жестоко реагираа.

Шекеринска им порача „нека повелат“, бидејќи смета оти таква иницијатива повеќе ќе ја покаже слабоста на ВМРО-ДПМНЕ отколку силата.

-Луѓето кои во јуни ги блокираа фондовите на Светска банка за да не можеме денес да имаме повеќе модуларни болници во поголемите градови, денеска се трудат целосно да го блокираат и Собранието во услови на тешка епидемија. Така што, за иницијативите за доверба нека повелат. Тоа повеќе ќе зборува за нивната слабост отколку за нивната сила зашто сите овие иницијативи да се стават сопки во најтешкото, да се блокираат институциите во најголемата криза покажуваат дека единствената битка која ја водат е како да си ги сочуваат сопствените партиски фотелји, а не како да ѝ помогнат на државата, рече Шекеринска.

Поврзани новости