Шекеринска: Убедени сме дека до Самитот на НАТО ќе обезбедиме поддршка од сите членки

by fokus

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска е убедена дека на Самитот на НАТО што треба да се одржи на 11 и 12 јули Македонија ќе ја има обезбедено поддршката од сите членки на Алијансата за да ја добие поканата за членство, затоа што исполнила големи домашни задачи, што, како што рече, се големи аргументи во полза на нашето членство во Алијансата.

– Доколку тоа се случи, мислам дека и во поглед на Македонија ќе се почитува процедурата која важи и за другите земји членки и оти тој период би бил од една до една и пол година, во зависност од тоа каква е процедурата во државата и во земјите членки, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашања по потпишувањето на договор за времено користење на простории во Домот на АРМ од страна на Сојузот на борците од НОБ и антифашистичката војна на Македонија.

Во врска со тоа дали референдумот што би се организирал би бил консултативен или обврзувачки, министерката за одбрана посoчи дека за ова ќе се прават консултации во Собранието и со опозицијата и ќе биде донесена одлука која ќе биде добра, не за поединечни политички партии или личности, туку за Македонија.

– Референдумот ќе биде важен дел и ќе ги поканиме, не политичарите, туку граѓаните на оваа држава сите да се вклучат и да дадат поддршка на европска и евроатланска Македонија, рече Шекеринска.

За информациите дека Франција се уште се противи на членството на Македонија во ЕУ, Шекеринска истакна дека дилемата во Франција не е Македонија и дали таа ги исполнува условите за членство, туку е пред се поврзана со другите реформи кои очекуваат дека ќе ги направи ЕУ.

– За само 12 месеци Македонија од држава која предизвикуваше страв и задршки и внимателност кај ЕУ во држава која се наметнува како единствен знак на позитивни промени надеж и оптимизам на балканот, рече министерката за одбрана.

Според неа, за она што го сработила Владата и за позитивните промени сведочи и вчерашната одлука на Холандија, која како што рече е најстрога членка, во однос на исполнувањето на критериумите за членство да даде поддршка за одредување датум за почеток на преговорите.

– Затоа сметам дека работата и посветеноста не можат да останат незабележани. Нашата работа продолжува и во поглед на сите земји членски особено во поглед на Франција. Убедени сме дека нашите резултати говорат многу силно и заради затоа имаме голема поддршка од сите земји членки на ЕУ, изјави Шекеринска.

Поврзани новости