Шекеринска: Сите пораки се обединети во една реченица, а тоа е дека Северна Македонија направи се, ЕУ не испорача тоа што вети

by Fokus

Секоја иницијатива во полза на нашиот европски пат е добродојдена и ние ќе ја поздравиме, меѓутоа како што кажа премиерот, сега чекаме тие да испорачаат. Нема да шпекулираме со шанси за успех, нема да шпекулираме заради тоа што не зависи од нашиот перформанс, туку зависи од нивните внатрешни одлуки каде ја гледаат ЕУ за пет или за десет години. Ние таа одлука не можеме да ја донесеме, истакна заменик – претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Но, посочи таа, клучната одлука која ние како Влада ќе треба да ја носиме, која ќе треба да ја носат граѓаните на 12 април е „Дали сакаме европските вредности кои ги градевме да продолжиме да ги градиме или ќе се вратиме во мрак и страв, дали ќе се трудиме да ги приближуваме нашите стандарди кон европските стандарди или ќе се враќаме во ситуација на затворени медиуми, незаконски прислушувања и целосна контрола на државата“.

– Тоа зависи од нас и за тоа сме големи оптимисти. Тоа што зависи од ЕУ ќе сочекаме тие да го испорачаат, а не ние да претпоставуваме кои ќе бидат нивните потези. Мислам дека тоа е пооправдано земајќи предвид што се случи минатата недела, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање по прес – конференцијата во седиштето на партијата.

Посочи дека денеска во тек е дебата во Европскиот парламент, каде што и тој ја испраќа истата порака. Не се тоа наши претставници, појасни, тоа се претставници на сите земји-членки на Унијата.

– Истата порака дојде од претседателот на Европската комисија, од клучните земји-членки, од Германија беа многу гласни тие пораки кои се обединети во една реченица, а тоа е дека Северна Македонија направи се, Европската Унија не испорача тоа што требаше и тоа што вети, додаде Шекеринска. 

Поврзани новости