Шекеринска потврди дека утрово доживеала сообраќајна несреќа

by fokus

Радмила Шекеринска, заменик претседател на СДСМ, утрово доживеа сообраќајна несреќа, додека со своите родители патувала кон Гевгелија. Во несреќата е повредена 27-годишна гевгеличанка.

Несреќата се случила на магистралата Гевгелија-Демир Капија кај клучката за селото Мрзенци.

Полицијата извести дека девојката од Гевгелија се враќала од работа. Во еден момент изгубила контрола врз возилото, удрила во пластичната заштитна ограда крај магистралата, а потоа во џипот на Шекеринска.

Таа за “Фокус“ ја потврди информацијата, истакнувајќи дека се уште се на местото на несреќата.

-Се уште сме тука, на местото на несреќата. За среќа сме добро, но девојката што удри во нас е повредена. Поради изградба на патот, во функција е само една лента, но девојката која што удри во нас, од спротивната страна, на недозволено место се обиде да претекнува камион, па удри во заштитната ограда, а потоа и во нас, објаснува Шекеринска.

Дел од патот времено е затворен за сообраќај поради почнатиот полициски увид.

Поврзани новости