Шекеринска: Нема загадување на животната средина во Криволак од НАТО вежбите!

by Fokus

Од 17-ти мај до втори јуни на армискиот полигон Криволак, во близина на Неготино, се реализираше вежбата ,,Одлучен удар 21”. На истата учествуваа околу 1.500 припадници на САД, Грција, Бугарија и Македонија. Дали и какви штетни последици може да има реализирањето на вежбите на Криволак врз здравјето на луѓето и врз животната средина, е честа тема во Неготинско.

Пред реализирањето на вежбата професорот Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, информираше дека во периодот додека трае вежбата преку мерни станици ќе се врши мерење на квалитетот воздухот.

Денес министерката за одбрана Радмила Шекеринска извести дека според извршените анализи, не само што не е предизвикано загадување на животната средина, туку и дека концентрациите на суспендираните честички се движеле пониско од дозволените вредности.

-Активностите во вежбата Одлучен удар 21 која се одржа во втората половина од месец мај на Криволак, не предизвикаа загадување на животната средина – покажа анализата на универзитетската лабораторија АМБИКОН, со која имаме редовна соработка за мониторирање на влијанието на вежбите на Криволак на животната средина. Резултатите од мониторингот покажаа дека концентрациите на суспендирани честички се движат во дијапазон од1 до 11 µg/m3, што е значително пониско од дозволените вредности ( 50 µg/m3). Благодарност за соработката до АМБИКОН, кои ни помагаат во превенцијата и контрола на влијанието на животната средина при изведувањето на вежбите на Криволак, особено кога се работи за големи НАТО вежби со присуство на поголем број на војници-објави министерката.

Пред почетокот на вежбата од Министерството за одбрана за ,,Фокус” потврдија дека на полигонот Криволак се поканети претставници од еколошките друштва од регионот, со цел да бидат вклучени во целиот процес.

Вики Клинчарова

Поврзани новости