Шеќеринска не го враќа Андонов на Воената академија

by fokus

Министерот со најкраток мандатот во историјата на Македонија, Оливен Андонов, имаше кратко искуство и во јавното претпријатие „Јасен“ каде беше директор само три месеци. Комисијата за спречување на корупција денеска го одби неговиот приговор според кој од „Јасен“ бил разрешен противзаконски по распишувањето на изборите. Комисијата пресуди дека одлуката за негово разрешување била донесена на петти август, еден ден пред распишувањето.

-Одлуката е од 11-ти, тогаш е заведена и пишува дека важи од тогаш. Управниот одбор одржал седница на петти август на која донел заклучок дека треба да бидам разрешен поради непочитување на законот и статутот. Но одлуката стапува на сила на 11-ти кога е донесена. Јас правдата сега ќе си ја побарам по судски пат – вели Андонов за „Фокус“.

Ја прифатил функцијата во „Јасен“, вели, од морални причини откако дотогашниот директор поднел оставка од здравствени причини. Немал намера да остане во претпријатието по завршувањето на неговиот мандат како в.д. директор, кој истекувал во октомври. Вели дека доколку новоформираниот управен одбор сакал да се ослободи од него, тоа можел да ги стори по легален пат со распишување оглас за нов директор.

-Немав намера да останам во „Јасен“ и не сакам да се вратам. Јас сум универзитетски професор. Ова е режим, ова е насилно сменување на директор на јавно претпријатие, и тоа ќе го докажам. По судски пат ќе докажам дека направија прекршок на изборниот закон и фалсификување на документи. На 11-ти август, врз основа на одлуката со која ме разрешуваат поднесов барање да се вратам на Воена академија каде местото ми е во мирување. Но се уште од Министерството за одбрана немам документ дека сум вратен. Ова е политички реваншизам, само поради мојата политича определба – вели Андонов.

Тој додава дека местото му е на Академијата каде мора да биде вратен.

Поврзани новости