Шеќеринска: Нашата борба е младите луѓе да останат во Македонија

by Fokus 14:16
14:16

Нашата борба е младите луѓе да останат во Македонија! Затоа го создадовме проектот „Гаранција за млади“ којшто го базиравме на многу добри европски искуства и пракси, а го прилагодивме за македонски услови. Проектот ,,Гаранција за млади“ ќе значи дека државата ќе гарантира на сите млади граѓани во Македонија дека веднаш по завршувањето на образованието во рок од четири месеци секој млад човек ќе може или да го продолжи образованието или да добие понуда за работа или да добие можност за практика, обука или тренинг со којшто ќе се прилагоди на потребите на некое работно место коешто е на располагање, изјави денеска Радмила Шеќеринска, заменик претседателка на СДСМ.

– Овој метод, овој инструмент, овој проект во многу европски земји даде добри резултати и ние сметаме дека ова треба да биде фокусот на младинските политики за да младите не заминуваат туку да останат во татковината. Со ова покажуваме дека како политичарите мора да се трудиме да ги решаваме проблемите. Дека како политичари сме свесни дека младите не заминуваат заради невозвратена љубов туку заминуваат заради егзистенцијални проблеми, заради низок животен стандард, заради неможност да ги решат тие проблеми во својата татковина – истакна Шеќеринска.

 

Поврзани новости