Шекеринска му се заблагодари на НАТО за помошта за 60 респиратори

by Фокус

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, преку видео-конференциска врска денеска учествуваше на првиот работен ден на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана. Шекеринска на состанокот се заблагодарила за помошта од НАТО во вредност од 1,4 милиони евра за 60 респиратори и дополнителна медицинска опрема. Според неа, тоа потврдува дека солидарноста и подготвеноста да се помогне на секој сојузник е најголемата вредност во Алијансата.

„Предизвиците бараат сериозен одговор и затоа се важни инвестициите во одбраната и споделувањето на финансискиот товар за колективната безбедност“, било истакнато на состанокот, на кој е поздравен напредокот на најголемиот број земји членки на НАТО до достигнување на проектираното одвојување на два проценти од БДП за одбраната.

Од Министерството за одбрана истакнуваат дека Северна Македонија останува посветена на определбата за континуирано зголемување на одбранбениот буџет и достигнување до два процента од БДП во 2024, како и одвојување на 20 отсто од буџетот за опремување и модернизација во 2021 година.

„Една од главните теми на состанокот беше и зголемувањето на отпорноста на општествата, при што министрите за одбрана на НАТО земјите членки усвоија препораки за градење на капацитети и за унапредување на цивилно-воената соработка. Современите предизвици ги надминуваат рамките на одбраната и армијата и бараат координиран пристап и заеднички одговор на целото општество“, заклучија министрите на денешната сесија на Северноатлантскиот совет, информираат од Министерството за одбрана.

Поврзани новости