Шекеринска ги смирува неготинчани: Ниту ќе бидете озрачени, ниту ќе ви дојдат 3.000 американски војници

by Fokus

„Нема потреба од страв за здравјето на граѓаните, ниту пак страв дека земјоделските култури во близина на полигонот Криволак ќе станат опасни за консумирање – тврди во разговор за ,,Фокус’’ министерката за одбрана Радмила Шекеринска, откако деновиве жителите од Неготино, Криволак, Пепелиште и други места во близина на воениот полигон реагираат вознемирено поради воените вежби на НАТО војската.

Откако започнаа НАТО обуките и тренинзи на полигонот, во неготинско главна тема е стравот од наводно зрачење од муницијата која што се користи, и на социјалните мрежи посветени на градот се бараат одговори што точно ќе се случува во иднина во Криволак, и дали навистина како што се шпекулира, се очекува доаѓање и сместување на околу 3.000 американски војници.

-На полигонот Криволак има редовни вежби веќе 15 години. Она што е интересно, во времето на поранешна Југославија, дури 364 дена во годината таму се одвивале вежби, односно не се пукало само еден ден во годината, на Нова година. Според анализите, нема никакво загадување, туку напротив, загадувањето е на многу повисоко ниво во сосема други краеви на земјава, каде што нема воени полигони, како на пример Свети Николе, Берово… Централна Македонија никогаш го немала тој проблем и досегашните анализи барем до сега не покажале никакво зголемување на загаденост – вели Шекеринска.

Таа додава дека треба да се прекине со разни теории на заговор и заплашување на населението, и смирува дека нема место за страв од непознатото. Околу гласините дека ќе се поставуваат контејнери за сместување на 3.000 НАТО војници во Криволак, вели дека дури и да сакаат, тоа не е изводливо, бидејќи полигонот нема толкав капацитет.

-На сегашната обука во Криволак има околу стотина луѓе. Наредната година планирана е голема вежба во Романија, тогаш на поминување во Криволак ќе бидат сместени поголем број на војници, но далеку од тоа дека ќе бидат 3.000. Се работи за војска која ќе остане таму на пет дена, а потоа ќе го продолжи патот кон Романија. Значи, нема да бидат дојдени на тренинзи или обуки, туку само на пропатување – тврди министерката.

На апелите од локалното население да се постават станици за мерење на загаденоста во близина на полигонот, таа вели дека Министерството за одбрана во соработка со Министерството за животна средина ќе се ангажира да се обезбеди мерење на загаденоста во време кога се одвиваат вежбите.

-Планираме повремено да користиме мобилна мерна станица, со цел да се утврди точната загаденост на воздухот, но и со цел да се смири населението, бидејќи навистина сметам дека нема место за паника и страв, се е според процедурите. Апелирам до граѓаните да не подлегнуваат на разни невистинити приказни, бидејќи нивното здравје во никој случај не е загрозено со воените вежби, ниту пак вежбите предизвикуваат штети на земјоделските култури во близина на полигонот – ни изјави Шекеринска.

Пред неколку дена таа ги демантираше и наводите објавени на социјалните мрежи дека во Криволак ќе се користи муниција со осиромашен ураниум и порача дека лагите се во функција на негативна кампања на претстојниот референдум.

Вики Клинчарова

Поврзани новости