Шекеринска: Армијата останува на терен за справување со пожарите

by fokus

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска го посети Криви Дол, каде е лоциран и армискиот склад за резерви на муниција кој вчеравечер беше под закана на огнена стихија.

-Денеска сум во Овчеполието и во овој регион за да изразам огромна благодарност и да им честитам на припадниците на Армијата кои во текот на вчерашниот ден помагаа во сите општини, но успеаја навистина да пружат натчовечки напори заедно со општина Штип да го обезбедат магацинот во кој што нашата Армија ги чува резервите на муниција и кој што би претставувал ризик за сите нив и за сите нас како граѓани. Тие успеаја навистина во текот на ноќта, кога се сметаше дека е ризична ситуацијата, целосно да го заштитат објектот и целосно да го заштитат локалното население – рече Шекеринска.

Таа додаде дека припадниците на Армијата остануваат целосно активни на терен во поддршка на заедничките напори за справување со пожарите и порача дека граѓаните можат да се потпрат на институциите.

-Денеска битката со пожарот продолжува како и на многу места низ државата и навистина сакам да ги повикам сите наши граѓани, сите локални и централни власти да бидеме заедно и да бидеме добро координирани во справување со ова зло. Сега е навистина е момент кога и институциите и многу поединци во Армијата, во противпожарните единици, во локалните власти, во институциите како ДЗС, ЦУК, полицијата и други покажаа на кого можеме да се потпреме и покажаа дека многу треба да се инвестира во системите за заштита и спасување – рече Шекеринска.

Поврзани новости