Шехтански до Заев: Сите одлуки на градоначалниците по 24 март се незаконски!

by fokus

Државниот инспекторат за локална самоуправа го информира премиерот Зоран Заев дека мандатот на општинските совети и на советниците, според член член 35 став 1 од Законот за локална самоуправа, е 4 години од денот на изборот, што значи дека завршил уште на 24 март. Последните локални избори се одржаа на 24 март 2013 година.

Во дописот, потпишан од Ванчо Шехтански, директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, се вели дека за сите одлуки на општините после 24 март се донесени решенија за запирање на примената на одлуките. За ова веќе е покрената и иницијатива пред Уставниот суд за да се утврди кога се смета мандатот на советниците за истечен.

Собранието на Република Македонија на 3 јуни гласаше за измени во Изборниот законик со кои мандатот на советниците и на градоначалниците се продолжува до 15 октомври.

„Има суштинска разлика на одредбите од Изборниот законик според кој инспекторатот не се раководи. Законот за локална самоуправа е матичен закон на инспекторатот и ние сме должни да ги применуваме одредбите од овој закон. Ова значи дека нема никакви измени во однос на мандатот на советниците во Законот за локална самоуправа и нивните одлуки после 24 март ќе бидат запирани и ставани вон сила, сѐ до одлуката на Уставниот суд“, се вели во дописот на Шехтански.

 

Поврзани новости