Шефот на кабинет на Вељановски сведочеше на рочиштето за „Огранизаторите на 27 април“

by fokus

На денешното рочиште за „Организаторите на 27 април“ сведочеше и Сања Угриновска Спасеновска, која во 2017 година била шеф на кабинет на претседателот на Собранието Трајко Вељановски и лице за контакт со медиуми.

Таа рече дека пред одржување на конститутивната седница се одржал координативен состанок со претставници на политички партии.

– На коордринацијата беше договорено на седницата да има четири точки, дека првите две точки ќе се поминат истиот ден и ќе се продолжи со третата точка кога ќе бидат исполнети услови за тоа, изјави Спасеновска.

Потоа, рече дека, се одржале повеќе координации за изборот на претседател на Комисијата за избори и именувања и откако бил постигнат формален услов за продолжување на седницата.

– На секоја од координациите имаше укажување и барање од пратениците да се откажат од репликите и контрарепликите со цел да се заврши побрзо седницата. Сигурно ова е нотирано и во записниците од седниците, изјави Спасеновска.

На 27 април 2017 година била на работа во Собранието до 16:30 часот, по што си заминала.

– Имавме редовна комуникација како и секој ден, согласно околностите преку телефон, пораки или во кабинет. Тој ден на Вељановски му испратив известување од прес-конференција одржана во прес – центарот на Собранието од претседателот на СДСМ Зоран Заев. Пораката беше сублимат од кажаното на пресот и тоа беше вообичаена работа, рече Спасеновска.

Претходно беше сослушан пратеникот Африм Гаши, како сведок повикан од одбраната на Трајко Вељановски, рече дека бил координатор на пратеничката група Беса и учествувал на координативниот состанок пред Конститутивната седница.

– На 27 април преку ден бев во Собранието и попладне не можев да присуствувам, но знам дека собиравме потписи за продолжување на конститутивната седница во петок, рече Гаши.

Прашан дали спикерот Трајко Вељановски ускартил нечие право на збор, Гаши рече дека тој се држел до деловникот на Собранието.
Во однос на пеењето на пратеникот Зеќирија Ибраими, Гаши рече дека никогаш не се зборувало за такво нешто.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Поврзани новости