Шарена револуција во Лондон и Виена

by Фокус

Македонците што живејат надвор од државава денеска во неколку центри во Европа ќе организираат протести, во знак на поддршка и солидарност со протестиет кои веќе 10 дена се оддржуваат во Скопје и други градови низ земјава во организација на граѓанското движење „Протестирам“.

– Најпрво, изразуваме длабока загриженост за политичките случувања во Македонија. Второ, длабоко ја осудуваме одлуката на Претседателот за амнестија на политичари кои се обвинети за измама, корупција и други сериозни кривични дела како груба повреда на владеењето на правото во земјата. Трето, целосно ги поддржуваме демонстрантите. Ги покануваме и релевантните меѓународни институции, особено Канцеларијата за надворешни на Велика Британија, Европската комисија, Американскиот Стејт Департмент и НАТО за итно и одговорно вклучување во решавањето на политичката криза, заедно со нивните партнери од владеачките и опозициските партии во Македонија – велат од македонската заедница во Велика Британија.

И Македонците што живејат и работат во австриската метропола најавија протест.

– Патот што го зачекоривте по улиците на Скопје за враќање на партиски заробената држава во рацете на граѓаните е долг, но единствено праведен. Ја делиме вашата јасна определба за враќање на слободата како прв предуслов за демократија и уривање на актуелно воспоставениот автократски систем на вледеење. За да се организираат кредибилни избори што понатаму треба да резултира со департизирање на институциите кои наместо на партиите, повторно ќе се вратат во служба на граѓаните, клучни се вашите барања и ние ги поддржуваме. Улиците во Скопје кои секоја вечер се преполни со граѓани кои се одважија да си ја вратат слободата, се сила која веќе ниту една партија не може да ја игнорира. Оттука, преговори без да се вклучи граѓанскиот сектор се однапред осудени на неуспех – сметаат тие.

Инаку, демонстрантите бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истражна постапка или против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство, итна и неотповиклива оставка од Ѓорѓе Иванов, итно произнесување на Уставниот суд за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, формирање на специјално одделение во Кривичниот суд кое ќе биде надлежно за случаите покренати од СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување на независни претставници на граѓанското општество во процесот за решавање на кризата, процесот на решавање на кризата да се одвива на територијата на Република Македонија, формирање на преодна Влада која докрај ќе ги имплементра итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе.

Поврзани новости