Шарена револуција: Вечерва не доаѓајте со деца и миленици

by fokus

Во пресрет на вечерашниот голем протест на Шарената револуција, активистите споделија неколку совети за ненасилно и ефективно протестирање.

„Не доаѓајте со деца, миленици и со велосипеди на протест, со бојата не целете кон полицијата, не консумирајте алкохол и други психотропни супстанци, не предизвикувајте насилство и не подлегнувајте на провокации, снимете полициско насилство, при пробивање кордони ненасилно туркаме напред“, се дел од советите на „Шарената револуција“.

Во случај на стампедо, „граѓаните треба да бегаат странично и на отворено, да не се затвораат во мали и тесни улички и во влезови“.

Ако граѓаните пак слушнат експлозија, тоа најверојатно ќе биде солзавец и препораката е да се бега во спротивна насока од експлозијата.

„Во случај да сте во близина на солзавецот, на марама треба да ставите млеко или сода бикарбона, која треба да ја нанесете на марама и да ги покриете носот и устата“.

Протестот под паролата „Граѓаните ја земаат правдата во свои раце“ започнува денеска во 19 часот пред Специјалното јавно обвинителство.

Поврзани новости