Шахпаска: Не кажавме кога ќе се донесе законот за докуп на стаж, но ќе го исполниме предизборното ветување

by fokus

Законот за докуп на стаж е процес што ќе трае, а ние ќе го исполниме нашето изборно ветување дадено пред граѓаните. Вака одговори денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на новинарско прашање кога може да се очекува ова законско решение, дали има какви било детали околу предвидениот текст и дали е постигнат некаков договор.

Шахпаска истакна дека засега такви информации не може да сподели зашто проектите течат според утврдена динамика. Прво, рече, треба да се подготви централен регистар на сите осигуреници во државата како многу важна алатка која ќе ја менаџира посебно тело. Паралелно е предвидено, до крајот на јуни да се донесе новиот закон за вработување на лицата со инвалидност, а потоа и законските решенија кои се составен дел од, како што нагласи министерката, сериозната реформа.

-Во владината програма рековме дека ова прашање ќе биде регулирано со закон, но не кажавме временска рамка кога треба да се заврши. Реформите што течат и кои се однесуваат на пензискиот систем, а се со поддршка на Светска банка, имаат своја временска рамка до почетокот на 2024 година. Јас не можам да ви дадам конкретни одговори зашто тоа е процес што бара сериозна дебата, а информациите, податоците, последиците кои ќе треба да се дефинираат во тој закон секако ќе зависат и од законското решение за системскиот закон за работни односи кој е првиот што треба да биде заокружен до крајот на оваа година, објасни Шахпаска.

Во моментнот интензивно се работи на системското законско решение за работни односи, интензивирани се активностите на работната група од еднаш на два пати седмично.

-Тоа е првиот приоритетен закон што треба да се донесе годинава, а потоа и законот за здравје и безбедност при работа. Паралелно се работи и на проектот за воспоставување централен регистар на осигуреници, на новиот закон за вработување лица со попреченост, како и на реформите во пензискиот систем. Сите овие проекти имаат своја временска рамка и согласно тоа се одвива динамиката. Корона пандемијата забави дел од процесите што се одвиваа лани, но се надевам дека оваа година, со поинтензивна работа, ќе се заокружат овие законски решенија, информира Шахпаска.

Министерката потенцира дека треба да се гарантира стабилен и безбеден пензиски систем што ќе овозможи навремена, редовна исплата на пензиите кои, пак, ќе гарантираат безбедна и сигурна старост.

Поврзани новости