Северна Македонија има повеќе судии од европскиот просек, но нашите судии имаат и повеќе предмети за решавање

by Fokus

Иако според Стратегијата за реформи во правосудниот сектор, но и во други документи, се посочува дека бројот на судии е поголем од еворпскиот просек, доколку се мери според бројот на населението, сепак нашите судии, статистички, имаат поголем број предмети за решавање. Секое намалување на нивната бројност штетно ќе се одрази врз функционирањето на судскиот систем.

Ова беше еден од заклучоците од денешниот дијалог за политики „Имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017–2022 година – До каде сме и што понатаму?“ организиран од Институтот за европска политика – ЕПИ.

На настанот се истакна дека целта со реформата на правосудниот сектор ќе биде постигната кога ќе имаме задоволни граѓани од функционалноста и непристрасноста на судскиот систем. Сепак, беше изразена и претпазливост, дека за секоја реформа треба време и континуитет и дека нашата воопшто не е едноставна, но се покажува посветеност и решителност за промени.

Досегашните резултати беа окарактеризирани како солидни, со завршени 130 од 227 активности, а министерот за правда Бојан Маричиќ најави дека ќе бара и продолжение на сегашната Стратегија за наредните 4 години.

На панелот на кој се дискутираше за постигнатите резултати во реформските процеси и за клучните предизвици во иднина, како проблем беше издвоен недостатокот на јавни обвинители, односно податокот што одреден дел од јавните обвинителства функционираат со помалку јавни обвинители од европскиот просек.

Присутните дискутираа и дека Законот за судски буџет не се почитува, односно дека реалноста покажува оти средствата што се издвојуваат за судската власт ес 0.3%, што е повеќе од двојно помалку од предвидените 0.8%. Беше истакнато дека е потребно испитување на оптималното ниво за средствата за судската власт.

Говорниците и учесниците на настанот беа согласни дека потребно е да се земат во предвид истражувањата на јавното мислење и независните истражувања за правосудството со цел да се врати довербата и да се овозможи владеење на правото. Високото ниво на недоверба во судската власт беше истакнато како аларм за проактивно вклучување на сите – и граѓаните и судската власт во реформите.

Како еден излез од оваа ситуација и враќање на довербата кај граѓаните беше истакнат процесот на дигитализација, која е корисна за ефикасноста на судството и може да ги промени перцепциите на пошироката јавност.

Настанот го отворија директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска и министерот за правда Бојан Маричиќ.

На првиот панел за реформските процеси во судството, постигнатите резултати и клучните предизвици свои видувања дадоа Павлина Црвенковска, претседателка на Судскиот совет, Антонио Јолевски, јавен обвинител и член на Советот на јавни обвинители од подрачјето на ВЈО Битола, Бетим Јахја, судија во Основниот суд во Тетово и член на Здружението на судии, Максим Ацевски, главен државен ревизор и Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција.

На вториот дел од настанот, професорката и претседателката на работната група што ја изготвуваше Стратегијата и Акцискиот план за реформи во правосудството, Ана Павловска Данева, државната советничка во Министерството за правда Фросина Тасевска, проектниот координатор на Блупринт групата за реформи во правосудството Гоце Коцевски, Ива Цоневска Вангелова од ЕПИ и Александар Петковски од Зенит разговараа за тоа до каде е имплементацијата на Стратегијата и кои се чекорите кои треба да се преземат понатаму.

Овој настан беше организан во рамките на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“ кои го спроведуваат Институтот за европска политика – ЕПИ и Асоцијацијата Зенит, а е финансиран од Европската Унија.

Поврзани новости