Северна Кореја со најмоќна нуклеарна проба досега, светските сили најавија санкции

by fokus 17:52
17:52

Светските сили жестоко ја осудија Северна Кореја, откако потврди дека ја направила петтата нуклеарна проба,која според информациите била најсилна досега.

Советот за безбедност на ОН за вечерва закажа средба за итни консултации по барање на САД и Јапонија, информираат од мисијата на Нов Зеланд, земјата која овој месец преседава со Советот.

Претседателот на САД, Барак Обама претходно изјави дека „севернокорејските провокативни активности ќе имаат сериозни последици“.

Остра осуда за нуклеарниот тест пристигна и од шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој рече дека светот мора да и покаже на Северна Кореја дека забраната од страна на Советот за безбедност на ОН за нуклеарни тестирања не смее да се прекршува.

Советот и забрани на Северна Кореја да врши било какви тестови на нуклеарна технологија, а од тогаш земјата беше на удар на серии санкции од светската организација, откако во 2006 ја изврши првата нуклеара проба.

Инаку, oфицијален Пјонгјанг преку државните медиуми, тестот го оквалификува како успешен, додавајќи дека земјата има капацитет да постави нуклеарни боеви глави коишто сега можат да бидат намалени за да бидат употребени од различни видови балистички ракети.

Во владиното соопштение се додава дека пробата е дел од одговорот на Северна Кореја на заканите и санкциите од страна на САД и непријателите, коишто ја негираат стратешката позиција на земјата како нуклеарна сила.

 

Поврзани новости